Актерот Никола Ристановски ја освои наградата „Борисав Станковиќ“ за најдобра машка улога на 43. Меѓународен театарски фестивал „Борини театарски денови“ (Борини позоришни дани) во Врање, Србија. Наградата ја доби за улогата на д-р Стокман во претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на Македонски народен театар – Скопје.
Одлуката ја донесе жири комисијата во која членуваа Катерина Коцевска, актерка од Скопје, Душан Петровиќ, режисер и професор на ФДУ во Белград и Давор Шпишиќ, драматург и сценарист од Загреб.
„Борини позоришни дани“ е фестивал посветен на Борисав Станковиќ, српскиот писател, романсиер и драматург кој е роден во Врање. Ова е најстариот театарски фестивал на југот на Србија, а традиционално се одржува од 1979 во последната недела на октомври, во организација на театарот „Бора Станковиќ”.