НОВАТА СЕРИЈА ЗА ДЕЦА „БУКВОЖДЕР“, ПРОДОЛЖЕНИЕ НА „БУШАВА АЗБУКА“ ПО 40 ГОДИНИ, ЌЕ СЕ ЕМИТУВА ОД 8 НОЕМВРИ НА МТВ

    НОВАТА СЕРИЈА ЗА ДЕЦА „БУКВОЖДЕР“, ПРОДОЛЖЕНИЕ НА „БУШАВА АЗБУКА“ ПО 40 ГОДИНИ, ЌЕ СЕ ЕМИТУВА ОД 8 НОЕМВРИ НА МТВ„Буквождер“ е анимирано продолжение и приказна за буквите и македонскио јазик од култната ТВ-серија „Бушава азбука“. (Фото: Принтскрин од Јутјуб)

    Од 8 ноември на Македонската радиотелевизија (МРТ) ќе се емитува новата македонска анимирана серија „Буквождер“, нов проект инспириран од култната серија „Бушава азбука“, која се емитуваше пред 40 години. Серијата ќе се емитува на МРТ , на Јутјуб каналот на „Бушава азбука“,  како и на каналите на „Види Вака“.

    „Бушава азбука“, серијата од 1985 чии автори беа Горан Стефановски и Слободан Унковски, во продукција на МРТ, беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм и актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.

    Од продукцијата велат дека „Буквождер“ е нова серија за деца која ја слави магијата на јазикот, пријателството и заедништвото, а во главните улоги се: Дарија, Марко и Филип заедно со бувчето Ѕе, кои „тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот“. Секоја епизода носи нова мисија и јасна поука, за да биде подеднакво интересна и за децата и за возрасните.

    „Многу сум среќен дека конечно ‘Буквождер’ ќе ја доживее својата премиера. Проект кој е работен со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца!“ , вели Георги М. Унковски, режисер и продуцент.

    Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди и е планирано покрај нив да се појават и дополнителни содржина како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично. Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка.

    Томи Џуровски е уметнички директор, дизајнот на звук е на Сашко Поттер Мицевски, кодизајн на звук Марко Наумовски. Тимот аниматори е составен од Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески. Продуценти на серијата се и Горан Игиќ и Мите Кузевски.

    „’Буквождер’ е новото официјално поглавје од проектот ‘Бушав свет’, токму во годината кога одбележуваме 40 години од првото емитување на ‘Бушава азбука’, копродукција на ‘2БА Продукција’, ‘Види Вака раскажувачко студио’ и МРТВ. Ова е едукативна авантура има за цел да поттикне љубопитност кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на ‘Бушава азбука’ и ‘Буквождер’, да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна за нив што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на ‘Бушав буквар’, последното дело на Горан Стефановски и играно продолжение на ‘Бушава азбука’. Со емитување на МРТ и паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата“, вели Игиќ, продуцент на „Буквождер“ и коосновач на „Види Вака“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира