МАРЈАН АЛЧЕВСКИ РАБОТИ НА СЦЕНАРИОТО ЗА „БУШАВ БУКВАР“ ПО СМРТТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

    МАРЈАН АЛЧЕВСКИ РАБОТИ НА СЦЕНАРИОТО ЗА „БУШАВ БУКВАР“ ПО СМРТТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ„Новата серија ќе биде прилагодена кон новите потреби. 'Бушав буквар' ќе биде наш придонес кон тоа за јазикот да говориме и од други аспекти“, вели Марјан Алчевски (Фото: Х. Ајиотис / Серијата „Бушава абзука“ од 1985 во продукција на Македонската радио телевизија)

    Сценаристот Марјан Алчевски, кој долги години живее во Загреб, работи на сценариото на „Бушав буквар“, продолжението на култната ТВ-серија од пред 34 години „Бушава азбука“, наместо Горан Стефановски кој почина во ноември, потврди Алчевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Периодов, на европскиот канал на „Ејч-Би-О“ се емитува оригиналната серија „Успех “од шест епизоди, за којашто сценариото го напиша Алчевски, а е во режија на оскаровецот Данис Тановиќ. Алчевски беше еден од победниците на конкурсот „Прв избор“ на „Ејч-Би-О Јуроп“. Неговиот прв значаен меѓународен успех беше сценариото за документарниот филм „Плати и жени“ од 2009, во режија на Атанас Георгиев.

    Од „2БА продукција“ од Скопје, лани во јуни за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека режисерот Слободан Унковски и драматургот Стефановски работат на структурата на сценариото, а оваа серија, за разлика од „Бушава азбука“ ќе биде ориентирана кон македонскиот јазик и неговата употреба и богатство, и евентуално, кон јазиците на заедниците. Развојот на сценариото за 31 епизода по 30 минути, како спонзорства го обезбедиле неколку фирми. Унковски е и продуцент, а креативен продуцент е актерката и професорка на Факултетот за драмски уметности Синоличка Трпкова-Меллес. Лани беше најавено дека реализацијата треба да биде во 2019.

    „За жал со Горан немав никаков директен контакт околу ‘Бушавиот буквар’“, вели сценаристот Алчевски (Фото: Х. Ајиотис)

    Алчевски ни рече дека пред речиси една година Унковски и продукциската куќа „2БА“ го контактирале и почнале да разговараат за евентуална соработка.

    „Иницијално, требаше да работиме нешто сосема друго заедно. Минатото лето ме ангажираа да напишам рецензија за концептот и сценариото на ‘Бушав буквар’. Мислам дека им се допадна рецензијата, но немаше збор за тоа јас да се вклучам во работата на ‘Букварот’. Некое време по смртта на Стефановски, почнавме да разговараме како и што понатаму. За жал, со Горан немав никаков директен контакт околу ‘Бушавиот буквар’“, вели Алчевски.

    Фокусот на „Бушавиот буквар“ е македонскиот јазик и неговата употреба.

    „Новите епизоди ќе бидат успешни ако создадат трајна вредност во нашиот културен и медиумски простор. Тој простор денеска не е каков што беше во 1985 година. Новата серија ќе биде прилагодена кон новите потреби. Што е јазикот, чиј е, кои сè јазици ги говориме, за што ни служат? Јазикот ни е горлива тема со години, но од некој политички аспект. ‘Бушав буквар’ ќе биде наш придонес кон тоа за јазикот да говориме и од други аспекти“, вели Алчевски.

    Серијата од 1985 година, во продукција на Македонската радио телевизија (МРТ), беше насочена кон детското образование и запознавање со македонската книжевност, култура и традиција преку музика, цртан филм, актерска игра. Имаше вкупно 31 епизода, со просечно траење од 29 минути, секоја посебно посветена на буквите од македонската азбука. Таа е убедливо најуспешниот производ на МРТ, со кој многу генерации ја научија азбуката.

    Серијата беше снимена со музика од „Леб и сол“ и Ана Костовска, а во неа играше врвна актерска екипа како Ненад Стојановски, Александар Чамински, Марин Бабиќ, Петар Арсовски, Ана Костовска, Софија Куновска, Кирил Ристески, Јовица Михајловски и Мими Таневска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари