„Моја бесмртна љубов“ е насловена новата концертна сезона 2019/2020 на Филхармонијата, која ќе почне на 26 септември.
Насловот, како што вели директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески е инспириран од писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената.
„Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната, туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година“, рече Илиески на денешната прес-конференција.
Годинава и Филхармонијата слави 75 години од основањето, а роденденскиот концерт ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“ кој тогаш ќе се одржува во Скопје.
„Тоа е голема чест и привилегија за нас како институција бидејќи овој концерт ќе претставува и презентација и промоција на нашата музичка традиција во пошироки рамки“, кажа Илиески.
На отворањето на сезоната, ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников.
Продуцентката Роза Нолчева кажа дека и во новата сезона публиката ќе има можност да слуша солисти кои настапуваат со водечките оркестари во Европа и Америка.
„Навистина е тешко секоја година да се прави исчекор во конципирањето на програмата кога стандардите се поставени високо, а ние се обидуваме да поставуваме високи параметри кога станува збор за секоја нова концертна сезона“, рече Нолчева.
Ана Кондратенко, концерт-мајстор на Филхармонија додаде дека во Камерната сала ќе продолжат да се одржуваат рецитали на странски, но и на македонските солисти, главно од оркестарот на Филхармонија.
Во новата концертна сезона меѓу уметниицте кои ќе настапат се: влијателниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс, сопранистките Маша Бругергросман и Софи Горделадзе (Романија), виолинистите Александар Димчевски и Фросина Богданоска, македонскиот баритон Горан Начевски и хорот „Про-Арс“, германско-францускиот виолончелист Николас Алтштед, израелскиот виолинист Вадим Глузман, како и Естер Ју, американската виолинистка со корејско потекло која е препознатлива по „темниот аристократски тон“.
Б. НЕСТОРОСКА