Делото на писателката Фросина Пармаковска, „Одбројување“ е Роман на годината за 2017 година, која од годинава ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.
Наградата од 1999 година ја доделуваше „Утрински весник“, кој беше затворен на крајот на април 2017 година.
Романот на Пармаковска, во издание на „Или- или“ е избран од 27 пристигнати романи, а во најтесниот избор беа и „Апокалипса.мк“ на Бранко Прља, од „Готен“, и „Диссомнии“ на Игор Станојоски од „Антолог“.
Пармаковска е четвртиот добитник на Роман на годината од „Или -или“, по „Единаесет жени“ на Снежана Младеновска – Анѓелков (2011), „Телото во кое треба да се живее“ на Петар Андоновски (2015) и „Собирачи на пепел“ на Давор Стојановски (2016).
За наградата одлучуваше жирито : Давор Стојановски, минатогодишен лауреат, писателот Ристо Лазаров, писателот и професор Иван Додовски, професорката и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.
Според образложението, „Одбројување“ претставува ненаметливо раскажана потресна семејна драма од современото скопско секојдневие.
„Приказната е структурирана во три дела, каде низ постојани флешбекови на внатрешен монолог, неименуваната нараторка, која е и централен протагонист во делото, ни ја открива незавидната положба – заглавена со својот бесправедно љубоморен, параноичен маж со очигледно душевно нарушување, кое никој од блиското семејство не сака да го прифати или препознае“, стои во одлуката.
„Одбројување“ е трет роман на Пармаковска, која дипломирала на катедрата за Општа и компаративна книжевност, а магистрирала на Културолошките студии при Институт за македонска литература.
Нејзини претходни дела се „Пишувајќи ги изгубените топки“ и „Вишнова хроника“.