Во Античкиот театар Аспендос во близина на Анталија, се одржува 32. издание на Меѓународниот фестивал за опера и балет, кој ја собира светската оперска и балетска елита. Фестивалот се отвори синоќа, со операта „Турандот“ од Пучини, во која настапија оперските ѕвезди Олга Маслова од Русија и Рикардо Маси од Италија.
„Турандот“ е во продукција на Државната опера и балет на Анкара и на Анталија.
За време на фестивалот, кој ќе трае до 1 октомври ќе бидат изведени најпознатите класични опери, во нив ќе настапат врвни уметници. На репертоарот се и балетски ремек-дела, како на пример „Зорба“, која ќе се изведе на 17 септември, инспиративна грчка приказна поставена на музиката на Микис Теодоракис, што кулминира со легендарното сиртаки.
Бисерот на железниот репертоар, „Лебедово езеро“ на Чајковски, е најавена на 20 септември, претставено во една нова замисла на кореографот Рикардо Амаранте. „Дон Кихот“ е закажан за 24 септември.
Организаторот најавува дека вистински спектакл се најавува за 27 септември кога светски познатиот тенор Иван Магри ќе настапи во „Тоска“. Театарот на Државната академија за опера и балет на Узбекистан, именуван по поетот Алишер Навои, ќе ја изведе „Травијата“ од Џузепе Верди на 1 октомври кога е и свеченото затворање на годинешното издание на фестивалот.
Античкиот театар Аспендос е место каде што скоро 2.000 години се слави уметноста и се гради културата на човештвото. Тој е еден од најдобро сочуваните антички амфитеатри во светот и се смета за своевидно акустично чудо, бидејќи природно го засилува звукот на изведбите, така што тој може да стигне подеднакво до сите 15.000 седишта.
Аспендос се наоѓа во близината на Анталија, која е една од најпопуларните туристички дестинации во Турција. Минатата година Анталија ја посетиле 17 милиони посетители. Покрај богатата турска кујна регионот е познат по добро сочуваните антички локалитети, кои во летото остануваат отворени до доцна во ноќта, како дел од проектот „Ноќни музеи“.