„ОРЕВОКРШАЧКА“ НЕ Е САМО ПРАЗНИЧНА ПРИКАЗНА, НОСИ ЧУВСТВО НА ПРЕОБРАЗБА, ВЕЛИ КОРЕОГРАФКАТА САША ЕВТИМОВА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТ

    „ОРЕВОКРШАЧКА“ НЕ Е САМО ПРАЗНИЧНА ПРИКАЗНА, НОСИ ЧУВСТВО НА ПРЕОБРАЗБА, ВЕЛИ КОРЕОГРАФКАТА САША ЕВТИМОВА ПРЕД ПРЕМИЕРАТА НА БАЛЕТОТБалетот од Петар Илич Чајковски, доби нова поставка во кореографија на Евтимова, нови костими и нова сценографија. - 0д вчерашната генерална проба. (Фото: М. Угарковиќ)

    Се навраќам на „Оревокршачка“ не од традиција, туку од лична потреба да разберам зошто одредени слики, емоции и спомени остануваат со нас долго по детството, вели Саша Евтимова, истакната балетска солистка и кореографка пред вечерашната премиера во Националната опера и балет (НОБ). Балетот од Петар Илич Чајковски, после долги години доби нова поставка во кореографија на Евтимова, нови костими и сценографија, а премиерата е закажана во 19:30 часот.

    Ќе диригира  Едуард Амбарцумјан (Ерменија), а играат Христина Наќевска-Митрашиновиќ (Шеќерна вила), Франциско Хименез Руиз (Кавалер), Балаж Лочеи (Снежен крал), Наташа Трендафилова-Гицев (Снежна кралица), Игор Веланоски (Дроселмаер), Бобан Ковачевски (Крал на Глувците), Веселин Трајкоски (Лукас – Оревокршач), Гала Кочевска (Клара) и Марко Мијатовиќ (Фриц).

    „Низ мојот живот отсекогаш ме привлекувале дела што постојат помеѓу светови – помеѓу реалноста и имагинацијата, помеѓу она што се гледа и она што се чувствува. ‘Оревокршачка’, за мене, никогаш не била само празнична приказна. Таа секогаш носела нешто потивко и посложено: чувство на копнеж, на преобразба и на вистини што се откриваат дури со текот на времето. Таа зборува за кревкоста на поврзаноста, за тоа колку лесно некои работи можат да станат далечни, недостижни или променети . Оваа идеја длабоко резонира со мене , не како наративен елемент, туку како емоционална вистина. Оваа ‘Оревокршачка’ е мој начин повторно да се вратам на познато дело и да му поставам нови прашања, обликувана од моите искуства, мојот сензибилитет и мојата постојана љубопитност за внатрешниот свет што го носиме во себе. Затоа што, на крајот, верувам дека она што останува со нас не е самата приказна, туку чувството дека сме препознале нешто вистинито“, вели Евтимова за САКАМДАКАЖАМ.МК

    Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите на Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Климент Тодороски, асистент-кореограф е Дмитро Чеботар, а Маја Митровска-Богојевска е асистент-кореограф на учениците од Балетскиот оддел е ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.  Учествуваат  солисти, Оркестарот и Хорот на НОБ и ученици од Балетскиот оддел од „Луј“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Можеби ќе ве интересира и ова:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира