Малезиската актерка Мишел Јео ќе добие почесна Златна мечка на Филмскиот фестивал во Берлин, кој ќе се одржи од 12 до 22 февруари. Берлинале соопшти дека оскаровката Јео ќе биде наградена за „нејзините извонредни достигнувања во филмот и трајното влијание врз меѓународниот филм“.
Јео, која беше членка на меѓународното жири на Берлинале во 1999, доби Оскар за најдобра актерка во 2023 за „Сè секаде одеднаш“. Почна да глуми во 1980-тите, со улоги во азиски акциони филмови, а светска слава стекна со ролјите во филмот за Џејмс Бонд од 1997 „Утрешнината никогаш не умира“ и во „Клекнат тигар, скриен змеј“ на Анг Ли од 2000 .
„Берлин отсекогаш имал посебно место во моето срце. Тоа беше еден од првите фестивали што го прифатија моето дело со таква топлина и великодушност. Враќањето таму по сите овие години, како признание за моето патување во филмот, е навистина значајно“, изјави Јео.
Директорката на Берлинале, Триша Татл, ја нарече Јео „визионерски уметник чие дело ги побива границите – без разлика дали се географски, јазични или кинематографски“.
Наградата ќе ѝбиде врачена на отворањето на фестивалот на 12 февруари.
Меѓу претходните добитници на почесна Златна мечка се режисерите Мартин Скорсезе и Стивен Спилберг, како и актерките Изабел Ипер, Хелен Мирен, Мерил Стрип и Тилда Свинтон.



