Единаесет популарни арии од оперите на Џакомо Пучини испејаа солистките на Националната опера и балет (НОБ) на гала концертот „Жените на Пучини“, сношти во фоајето на Операта. Публиката со голем аплауз по врвните изведби ги испрати Весна Ѓиновска-Илкова, Сандра Митровска, Павлина Новакова-Георгиев, Злата Тошевска-Димовска, Александра Лазаревска-Василевски, Катерина Стојановска, Билјана Јосифов и Илина Митревска, кои настапија во пијано придружба на Андреј Наунов.
Во видеоанимација зад нив, до анимираниот портрет на Пучини се менуваа имињата на солистките, оперите и на ариите. Дел од гостите беше и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Концертот го отвори Билјана Јосифов со арија од „Турандот“, а го заврши првенката на Операта Весна Ѓиновска-Илкова со арија од „Тоска“. Слушнавме и делови од оперите „Боеми“ и „Мадам Батерфлај“ кои месецов беа на репертоарот на Операта. Концерот во режија на Дејан Прошев се одржа во рамките на „Месец на Пучини“. На 23 ноември на репертоарот е „Тоска“, а на 29 „Турандот“.
Во фоајето е поставена изложбата „Пучини низ историјата на МОБ“ со дела од архивата на Операта.
М. ЏАРОВСКА