ОТКРИЕНИ ТРИ НЕПОЗНАТИ ПЕСНИ НА НИКОЛА ВАПЦАРОВ ПРИ РАСЧИСТУВАЊЕ НА ПОРАНЕШЕН ПОЛИЦИСКИ ШТАБ ВО СОФИЈА

    ОТКРИЕНИ ТРИ НЕПОЗНАТИ ПЕСНИ НА НИКОЛА ВАПЦАРОВ ПРИ РАСЧИСТУВАЊЕ НА ПОРАНЕШЕН ПОЛИЦИСКИ ШТАБ ВО СОФИЈАПесните се напишани во мастило и досега е прочитан ракописот само на едната. По расчитувањето и на другите две, тие ќе бидат објавени, објави внуката на поетот Маја Вапцарова во Софија. (Фото: Принткрин од БНТ)

    Три досега непознати песни и есеј за културата на поетот Никола Јонков Вапцаров, македонски писател со бугарско граѓанство, беа откриени за време на расчистувањето во зградата на поранешниот полициски штаб во Софија, објави денеска Бугарската национална телевизија (БНТ). Веста ја соопштила внуката на поетот Маја Вапцарова во изјава за Бугарското национално радио (БНР).

    Песните се напишани во мастило и досега е прочитан ракописот само на едната. По расчитувањето и на другите две, тие ќе бидат објавени, рече Маја Вапцарова.

    На 7 декември се навршуваат 110 години од раѓањето на Вапцаров, писател и комунист, роден 1909 во Банско, Пиринска Македонија што е денес во Бугарија. Бил член на Сојузот на бугарските писатели, а посмртно бил добитник на почесната Меѓународна награда за мир, во 1952. Вапцаров е еден од организаторите на „Македонскиот литратурен кружок“ во Софија, во 1940 ја издал својата единствена поетска збирка „Моторни песни“, со сопствени средства и само под името Никола Јонков. Како активен комунист, осуден е на смрт од фашистичкиот воен суд на Бугарија и на 23 јули 1942 е стрелан заедно со петмина свои другари.

    Вапцаров бил најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле на други јазици, освен на македонскиот. „Моторни песни“ содржи 20 песни, напишани на бугарски јазик. Нему му припаѓа едно од видните места во бугарската литература, иако тој самиот и во животот и преку својата поезија недвосмислено изјавувал дека е Македонец, и покрај тоа што создавал на бугарски јазик. Неговата поезија е изразито патриотска, социјална, револуционерна и хуманистичка.

    Вапцаров пишувал на бугарски јазик, а подоцна, неговите дела се преведени на 45 јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик. Според Гане Тодоровски, според јазичните, идејно-стилските и содржинско-тематските ознаки, поетскиот опус на Вапцаров ѝ припаѓа на бугарската поезија меѓу двете светски војни. Сепак, според потеклото, чувството, акцијата и содржинската означеност на неговата поезија, тој бил Македонец, а македонството претставува содржинска компонента на голем дел од неговата поезија.

    Пред 10 години, 100-годишнината од раѓањето на Вапцаров со свечен собир ја одбележаа Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и Институт за македонска литература, а „Вапцарова вечер“ оорганизираа и Бугарската амбасада и Културно-информациониот центар на Бугарија во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира