„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар Митевска ја освои европската филмска награда Лукс, што ја доделува Европскиот парламент.
Во конкуренција за наградата, за која гласаат членовите на Европскиот парламент, беа и „Нерешениот случај Хамарскјолд“ во копродукција на Данска, Норвешка, Шведска и Белгија, кој заврши на второто место и шпанско-францускиот филм „Кралство“.
„Ова е возбудлив момент. Секогаш ме критикуваат во Македонија дека моите филмови се премногу политички и тоа е вистина. Јас сум автор кој е заинтересиран за општествени девијации и моја должност е да зборувам за проблеми за кои никој не се осмелува. И затоа ве повикувам во името на сите креативци и автори од Европа да го обезбедите нашето најосновно право: слобода на говор и изразување. Јас сум жена, јас сум Македонка и Европејка и верувам дека иднината на Европа е во солидарноста и инклузијата“, изјави Стругар Митевска по примањето на наградата денеска во Европскиот парламент во Брисел.
Филмската иницијатива Лукс е замислена како поддршка на европската филмска индустрија, па овие три филма беа преведени на 24-те официјални јазици на Европската Унија и до февруари ќе бидат прикажани во повеќе од 50 градови и фестивали во сите 28 членки на ЕУ.
Наградата Лукс се доделува од 2007 година и ова е првпат да ја добива еден македонски филм.