„Моето семејество не ме препозна во костимот на Дада од филмот“, рече српската актерка Аница Добра на прес-конференцијата во Скопје, по проекцијата на словенечкиот филм „Бело се пере на деведесет“ на Марко Набершник на Фестивалот на европски филм Синедејс. Македонија е копродуцент на филмот.
„Филмот е топла приказна од времето на поранешна Југославија со порака дека за секој од нас има надеж“, рече филмската екипа.
На прес-конференцијата зборуваа копродуцентот од Македонија, Томи Салковски од продукцијата „Црна Мачка“, продуцентот од Словенија, Алеш Павлин и словенечката актерка Леа Цок која ја игра улогата на Броња.
„Алеш ми се јави и ми рече дека ќе ми прати сценарио, но не ми кажа за што се работи во него, не ми кажа ништо. Се договоривме да се слушнеме за два дена. Јас го прочитав сценариото веднаш и не му се јавив за два дена, поминаа неколку. Го доживеав многу емотивно, и се плашев дека кога ќе му се јавам, ќе почнат веднаш солзи да ми течат. Кога се охрабрив да го побарам, имав среќа што тој беше на некој прием и не можеше да зборува. Солзите потекоа, и следниот пат кога се слушнавме му реков колку филмот за мене ќе биде голем предизвик“, рече Аница Добра.
Нејзината словенечка колешка Леа Цок кажа дека филмот за неа бил бесплатна лекција за животот.
„Некои плаќаат тренери за личен развој за да сфатат кои се и какви личности се, јас со овој филм тоа го добив бесплатно“, рече актерката.
Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна приказна во која има и хумор за различни фази од животот на Броња. Нејзиното безгрижно детство ќе биде прекинато од загубата на мајката болна од рак, а во доцните тинејџерски години и таа ќе се разболи од истата болест. Филмот е адаптација на истоимениот автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ. Преведен е на осум јазици, меѓу кои и на македонски.
„Сакав да соработувам со Аница Добра, уште кога на еден филмски настан во Лесковац ми шепна дека мајка ѝ е Словенка. Не се надевавме дека младите ќе одат во кино да го гледаат, зашто за нив тоа е далечно и непознато време, но на син ми кој има 20 години му се допадна, така што се надеваме дека ќе го гледа и млада публика“, рече продуцентот Павлин.
За Аница Добра, фасцинантен бил кастингот кој се одржувал во кујна како во 1980-тите и многуте наречја на словенечкиот јазик кој почнала да го учи, а не го зборувала претходно.

Македонскиот копродуцент Томи Салковски, словенечката актерка Леа Цок, српската актерка Аница Добра и продуцентот од Словенија, Алеш Павлин во Скопје (Фото: К. Попов)
Македонскиот копродуцент Томи Салковски рече дека му е драго што Скопје е меѓу првите градови во регионот каде што се промовира филмот. Киноприкажувањето во „Синеплекс“ ќе почне на крајот од декември или во јануари.
Филмот во копродукција меѓу 6 земји: Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора, со поддршка од Словенечкиот филмски центар и „Виба филм“ од Љубљана, ФВГ Филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар – ХАВЦ, Филмскиот центар на Србија, Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора и Европскиот фонд за копродукции Еуримаж. Во реализацијата на овој филм, на главната продукциска куќа „Перфо“ од Словенија ѝ се приклучија „Квазар филм“, „Кинорама“, „Биберче“, „Протос Филм“, а македонски копродуцент е „Црна Мачка продукција“.
Филмот имаше светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал во август.
М. ЏАРОВСКА



