ПО 16 ГОДИНИ ОТКАКО Е ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА, СТАКЛЕНАТА ЗГРАДА ДО НУБ „СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ЌЕ СТАНЕ МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЧИТАЛНА

    ПО 16 ГОДИНИ ОТКАКО Е ПУШТЕНА ВО УПОТРЕБА, СТАКЛЕНАТА ЗГРАДА ДО НУБ „СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“ ЌЕ СТАНЕ МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЧИТАЛНАСистемот за греење и ладење во стаклениот објект повеќе од 10 години не е во функција. (Фото: НУБ „Св.Климент Охридски)

    После 16 години откако беше пуштена стаклената доградба до Националната универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје, дел од објектот би бил ставен во функција во септември, рече денеска директорот Јовица Никчевски.

    „Новиот дел е пуштен во употреба во 2009 и за жал е оставен без нормално греење и ладење. Системот за греење и ладење повеќе од 10 години не е во функција. Од самото пуштање на Библиотеката, за жал бил запоставен, не бил сервисиран, несоодветно одржуван и тој простор Библиотеката не можела да го користи.  Таму сме во завршна фаза на отворање на мулимедијална читална и планираме околу септември со почетокот на новата учебна и студенстка година и дел од таа зграда веќе би бил во употреба“, рече директорот.

    Никчевски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска најавија дека се обезбедени 24 милиони денари (388.349 евра) за санација во првата фаза на блоковите 3 и 5 и поправка на кровот за да нема протекувања.

    Во првата фаза за реновирање се покривот и лимовите, втората фаза опфаќа замена на плафонските стакла, таваницата и третата фаза е репарација, реставрација на фасадната површина, на мермерните облоги околу зградата. (Фото: Министерство за култура)

    „После долги години првпат се случува една ваква санација и се надевам дека во идниот период после завршувањето, мислам дека е за 6 месеци, до крајот на оваа година ќе продолжиме и со санација на другите делови . Избран е и надзорот за проектот, така што сите фази се завршени и веќ почнуваме со санација на овој значаен објект“, рече Љутков.

    Според Никчевски, целиот проект на реновирање ќе се одвива во три фази. Во првата се покривот и лимовите, втората фаза опфаќа замена на плафонските стакла, таваницата и третата фаза е репарација, реставрација на фасадната површина, на мермерните облоги околу зградата.

    Во октомври 2022, Министерството за култура со тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека 30 милиони денари (околу пола милион евра) чини реконструкцијата на покривот на НУБ и дека тие месеци, септември и октомври, се реконструираат три од постојните пет кубуси на покривната конструкција на стариот дел од објектот.

    „ Активностите се одвиваат според планот, и досега се реализирани над 50 проценти од одобрените средства, односно 16.827.443,00 денари.Реализацијата на проектот за целосна реконструкција на покривот, кој во оваа фаза опфаќа вкупно 1.070 квадратни метри, како и на блоковите 3 и 5 од објектот на НУБ ќе продолжи и следната година“ рече тогаш министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира