ПО 2 ГОДИНИ РАБОТА, ЗА ТРИ МЕСЕЦИ ТРЕБА ДА ЗАВРШИ АДАПТИРАЊЕТО НА ПРОСТОРИИТЕ ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР

    ПО 2 ГОДИНИ РАБОТА, ЗА ТРИ МЕСЕЦИ ТРЕБА ДА ЗАВРШИ АДАПТИРАЊЕТО НА ПРОСТОРИИТЕ ЗА НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАРМинистерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот на Националниот џез оркестар Гоце Стевковски на денешната обиколка на просториите. (Фото: К. Попов)

    Во тек е втората и завршна фаза од реновирањето на просторот за Националниот џез оркестар (НЏО), кој се наоѓа под објектот на Националната опера и балет (НОБ), кажаа денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков и директорот Гоце Стевковски. Станува збор за современ и функционален простор од околу 500 квадратни метри, каде ќе има голема сала за вежбање на Оркестарот која ќе биде поврзана со тонско студио, гардероби, канцеларии и други помошни простории.

    Основниот проект за реновирање и уредување на овие простории кај НОБ е изработен во 2023 од „Мегарон-инженеринг“.

    „Првата фаза, која е реализирана во согласност со договорот меѓу Владата, ТАВ Македонија, ‘Тав Тепе Акфен’ и Министерството за култура и туризам и е во вредност од 10 милиони денари (над 160 илјади евра), веќе е завршена, односно беа изведени најсуштинските работи: целосна инфраструктурна подготовка на просторот, нови инсталации, хидроизолација, преградни ѕидови и сериозни градежно- занаетчиски работи.
    Сега е во тек втората фаза, која ќе му го даде конечниот изглед на просторот, односно: завршна обработка на подови, акустична обработка, внатрешна столарија и санитарна опрема. За оваа фаза веќе е склучен договор со компанијата ‘ПМГ Констракшн’ ДООЕЛ Скопје, во вредност од над 7,3 милиони денари, а рокот за реализација е 90 дена од воведување во работа на надзорот“, кажа Љутков.

    Стефковски вели дека втората фаза почнала вчера и очекува да се вселат во септември.

    Џез оркестарот е основан со одлука на Владата во март 2023, на иницијатива од Здружението на џез-музичари и слободни уметници (ЗЏМ). Националниот џез оркестар во март 2024 го доби просторот во зградата под Националната опера и балет.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира