ПО 22 ГОДИНИ, МНТ ОДИ НА ФЕСТИВАЛОТ СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ СО ПРЕТСТАВАТА „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ НА САВИН

    ПО 22 ГОДИНИ, МНТ ОДИ НА ФЕСТИВАЛОТ СТЕРИЈИНО ПОЗОРЈЕ СО ПРЕТСТАВАТА „НАРОДЕН ПРАТЕНИК“ НА САВИНМихајловси, Микиќ, Симонов и Кочовска во „Народен пратеник“. (Фото: К. Галевски)

    После 22 години, Македонскиот народен театар (МНТ) на 1 и 2 јуни ќе учествува на 70. издание на реномираниот театарски фестивал Стеријино позорје во Нови Сад, Србија. МНТ оди со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин од Србија.

    Годинашното Стеријино позорје се одржува од 26 мај до 3 јуни, под мотото „Создавање историја/менување на иднината“. Освен МНТ, во натпреварувачката програма меѓудругите учествуваат и Загребачко казалиште младих, Црногорско народно позориште, Атеље 212, Југословенско драмско позориште, Српско народно позориште, Нови Сад.

    Премиерата на „Народен пратеник“ беше на 25 јануари, а играат Aлександар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас) и група статисти.

    „Режисерот Егон Савин гради компактна, возбудлива и прецизна претстава, не одлучувајќи да оди по патот на подрастична модернизација на текстот, туку ненаметливо посочувајќи ја безвременската траги(коми)чна вистина на откритијата на Нушиќ за длабоката политичка гнилост. Сепак, во претставата постојат разлики во значењето во споредба со оригиналниот текст и тие се отсликуваат на драматуршкиот план. Сценската игра, која трае само еден час и петнаесет минути, е згусната и динамична; големиот број ликови се изведени од сценскиот текст, од сопругата на Јеврем, Павка, преку Сима, Ивковиќ, неговата тетка, Секулиќ и други, а со тоа се исклучени и излишните линии на нарацијата. Расплетот е, исто така, значително променет, не е толку ведар како кај Нушиќ, туку е позаострен, помрачен и со тоа е поблиску до духот на нашето време. На режисерски план, најважна е работата со актерите, секој лик е прецизно оформен, што се издвојува како најголема вредност на претставата, покрај сликовито длабоките заплети на Нушиќ, од кои произлегуваат убиствени вистини за чудниот систем на вредности и неуништливата валканост и превртливост на политичарите“, стои во образложението на селекторката Ана Тасиќ.

    Лани, на 69. издание на Стеријино позорје, Сандра Грибовска-Илиевска од Народниот театар Битола НТБ) ја доби наградата за најдобра млада актерка, за улогата во претставата „Брод за кукли“, по текстот на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира