Тони Тод, американскиот актер најпознат по насловната улога во хорор класикот „Кендимен“, почина на 69 години во Лос Анџелес.
Тод остварил повеќе од 200 филмски и телевизиски улоги во речиси четиридецениската кариера, почнувајќи од „Вод на смртта“ на Оливер Стоун, каде што го играше наредникот Ворен. Се истакна и во „Карпа“ со Николас Кејџ, хорор серијалот „Последна дестинација“ и „Врана“ со Брендон Ли.
Меѓу бројните серии во кои се појави се „24“, „Беверли Хилс 90210“, „Закон и ред“ и „Ѕвезведни патеки“, каде што одигра повеќе улоги. Тој исто така го позајми својот глас за неколку видеоигри и филмови, како „Спајдермен 2“ и „Трансформери: Одмаздата на поразените“.
Сепак, она по што остана најмногу запаметен е улогата на Кендимен во четири филма, последниот од 2021. „Кендимен“ зборува за урбана легенда за црн маж кој бил линчуван во 19. век, кој се повикува така што неговото име петпати ќе се изговори пред огледало.
Во интервју за „Гардијан“ во 2019, Тод откри дека на снимањето на сцената со пчели во првиот филм бил каснат 23 пати, при што за секој убод добил бонус од по 1.000 долари.