ПОЧИНА ГИТАРИСТОТ ГЕРИ РОСИНГТОН, ПОСЛЕДНИОТ ЧЛЕН НА ОРИГИНАЛНАТА ПОСТАВА НА „ЛЕНАРД СКИНАРД“

    ПОЧИНА ГИТАРИСТОТ ГЕРИ РОСИНГТОН, ПОСЛЕДНИОТ ЧЛЕН НА ОРИГИНАЛНАТА ПОСТАВА НА „ЛЕНАРД СКИНАРД“Во 1977, Росингтон ја преживеа авионската несреќа во која загина и пејачот на групата Рони ван Зант (Фото: АФП)

    Гитаристот Гери Росингтон, последниот член на оригиналната постава на американската блуз рок група „Ленард Скинард“, почина на 71 година. Тој беше меѓу основачите на групата во 1964 година и свиреше на сите нејзини албуми. За неполни четири месеци, групата требаше да тргне на нова турнеја.

    Именувана според омразениот професор на Росингтон, Лионард Скинер, „Ленард Скинард“ го објави првиот албум во 1973, на кој се наоѓа деветминутната „Free Bird“, која стана една од најпрепознатливите песни на бендот. Росингтон беше коавтор на безвременскиот хит од вториот албум „Sweet Home Alabama“, но групата доживеа трагичен крај во 1977, по авионската несреќа во која загинаа шест луѓе, меѓу кои и пејачот Рони ван Зант.

    Росингтон ја преживеа несреќата и целосно се рехабилитираше, и покрај бројните скршеници, но потоа разви зависност од дроги и лекови против болка.

    „Ленард Скинард“ се реоформи во 1987 и продолжи да снима и настапува до денес, и покрај честите промени во поставата, во која Росингтон беше единствениот постојан член.

    „Мислам дека ‘Ленард Скинард‘ не можат да постојат без Росингтон“, изјави своевремено Џони ван Зант, кој стана пејач на групата по смртта на неговиот брат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира