По кратко боледување на 75-годишна возраст почина Драган Б. Костиќ, еден од најпопуларните радио-водители и музички новинари во Македонија, ни потврдија негови пријатели и соработници. Во ноември минатата година, Костиќ прослави 50 години од радиоемисијата „Диско селектор“ со настанот „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“.
Роден во Скопје во 1950 година, Костиќ ја започнал кариерата во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се како со својот глас, така и со емисиите „Диско селектор“, која почна да се емитува во јуни 1974 и „Заборави ако можеш“, која ја водеше од 1991. Втората го доживеа своето 4.500 издание во октомври 2013.
„Ова е целосно неочекувано за нас, се видовме пред некој ден. Бевме договорени да го води пресот на ‘Меморија‘ в понеделник и да биде наратор во планираниот документарец за групата“, ни рече основачот и басист на „Меморија“, Петар Георгиевски-Камиказа.
Покрај радиото, Костиќ се испроба и во другите медиуми, па го имаше своето шоу „Б со точка“ на телевизијата „Телма“ и ја водеше онлајн емисијата „Кавервил“.
Костиќ беше и еден од легендарните скопски диџеи и голем колекционер на музика.
Погребот ќе се одржи утре (21 декември) од 12:30 часот на Градските гробишта во Бутел.



