ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ КОЈ НА МАКЕДОНСКИ ГИ ПРЕВЕДЕ СИТЕ ДЕЛА НА ШЕКСПИР

    ПОЧИНА ПИСАТЕЛОТ ДРАГИ МИХАЈЛОВСКИ КОЈ НА МАКЕДОНСКИ ГИ ПРЕВЕДЕ СИТЕ ДЕЛА НА ШЕКСПИРМихајловски на промоцијата на романот „Бдеењето на Одисеј“ во 2018. (Фото: СДК.МК)

    Професорот Драги Михајловски, писател и преведувач, во чиј колосален опус е и преводот на македонски на комплетното дело на Вилијам Шекспир, почина денеска по долго и тешко боледување, соопшти Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ). Имаше 71 година.

    Михајловски во 2013 го заврши колосалниот книжевен подвиг долг 30 години, со преводот на целокупното творештво на Вилијам Шекспир собрано во книгата „Сите драми и сонети на Шекспир“, каде на 1.653 страници се преведени 37 драми со посебен предговор за секоја одделно и сите 154 сонети со соодветен предговор. Тој беше еден од најомилените и најпочитувани професори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, не само кај студентите, туку и кај колегите и книжевниците.

    „Со своето творештво Михајловски ќе остане запаметен како еден од најавтентичните и најсугестивни раскажувачи во македонската современа литература; со преводите, како еден од најплодните, но и наједуцирани и најуспешни пренесувачи на книжевните вредности од англосаксонската јазична сфера на македонски јазик; а со својата универзитетска дејност, како еден од најпочитуваните и најсакани професори на универзитетот“, вели ДПМ.

    Михајловски е роден во Битола а, член е на ДПМ од 1992, како и на П.Е.Н. на Македонија и на Писателската асоцијација за мир од Вашингтон, САД. Автор е на збирките раскази „Речно улиште“ (1981), „Ѓон“ (1990), „Скок со стап“ (1994), „Триполската капија“ (1999) „Раскази од шести кат“ (2003), „Пеперуткарот“ (2009), збирката новели и раскази „Глинениот човек“ (2014), „Раскази и споредбени коментари“ (2015), и уникатната комбинација на раскази и драми „Патот за рајот“ 2017).

    Михајловски е автор и на романите „Пророкот од Дискантрија“,„Смртта на дијакот“, „Мојот Скендербеј“, „Бајазит и Оливера“, „Должници“,„Швајцарија на Балканите“, и „Бдеењето на Одисеј“. Има објавено и две книги за деца, „Волшебното котле и други бајки“, и „Сиромавиот и чучурлигата“, како и две студии од областа на преведувањето, „Нераспнати богови“ и „Под Вавилон: задачата на преведувачот“.

    Неговите прозни дела се преведувани на англиски, германски, француски, руски, унгарски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, бугарски и други јазици.

    Од англиски на македонски има преведено повеќе од 110.000 стихови, меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, епот „Загубениот рај“ од Милтон, „Беовулф“ од непознат автор како и проза од Тони Морисон, Кензабуро Ое, И. Б. Вајт, Стојан Христов и поезија од Т. С. Елиот, В. Б Јејтс, П. Б. Шели, В. Блејк, В. Вордсворт, Џ. Дан, Д. Волкот, Лез Мари, Б. Брејтенбах и друфи.

    Михајловски во 2018 е добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на културата и уметноста.

    Добитник е на „Рациновото признание“ (1994) за книгата раскази „Скок со стап“, и два пати на наградата „Стале Попов“ на ДПМ, за романот „Смртта на дијакот“ (2002) и за романот „Мојот Скендербеј“ (2006). – Михајловски ги има добиено сите награди за книжевни преведувачи во Македонија. Во 1996 ја добива наградата „Григор Прличев“ за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон, а во 2006 наградата „Зимски саем на книгата“ за препевот на сите сонети од Шекспир, како и наградата „Кирил Пејчиновиќ“ во 2009 за неговите многубројни препеви и преводи на дела од англосаксонската книжевност на македонски јазик. Во 2013 повторно ја добива престижната награда „Григор Прличев“ за препевот на Сите драми и сонети од Шекспир.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира