ПОЧИНА ПОЕТОТ И ПРЕВЕДУВАЧ ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ НА 58 ГОДИНИ

    ПОЧИНА ПОЕТОТ И ПРЕВЕДУВАЧ ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ НА 58 ГОДИНИВо 25-годишното творештво Јанчовски е автор со над триесет книги, главно поезија, преводи, романи и една книга историја. (Фото: Фејсбук)

    Поетот и преведувач Тихомир Јанчовски почина денеска во Скопје, потврди семејството во објава на социјалните мрежи. Имаше 58 години.

    Јанчовски, кој беше и професор, музичар и издавач, е автор на над триесет книги, главно поезија, преводи, романи и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010). На 23 јануари на својот профил на Фејсбук објави дека излезе книгата „60 икони на Мајката Божја“ од Аријан де Сен-Марк чиј уредник и преведувач е Јанчовски и најави промоција за еден месец.

    Во 2024 одбележа 25 години творештво, а истата година со Бранислав Николов го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, присутен е во голем број антологии, а има и четири целосно преведени книги на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик.

    Простувајќи се од Јанчовски, од Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) кажаа дека тој „со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата ‘Орце Николов’, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје“.

    Јанчовски е дипломец на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во 1991. Специјализирал во Будимпешта, на Катедрата за Средновековни студии на Централно Европскиот Универзитет. Магистрирал современа историја на УКИМ во 2010.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира