Холандскиот актер, писател и еколошки активист Рутгер Хауер почина на 75 години, објави неговиот официјален веб-сајт. Починал во својот дом во холандското село Битстерсвааг на 19 јули, а беше погребан денеска без голема медиумска помпа.
Во текот на 50-годишна кариера има играно во на 115 филмови и серии, а најпознат е по улогата во „Истребувач“ (Blade Runner), култниот научно-фантастичен филм на Ридли Скот од 1982. Основ за сценариото на филмот била книгата на Филип К. Дик „Дали андроидите сонуваат за електрични овци“, но претсмртниот монолог на неговиот лик Рој Бети го има креирано самиот Хауер со импровизација. Љубителите на научната фантастика го сметаат како еден од класичните елементи на жанрот.
„Имам видено работи кои вие, луѓето, не може ни да ги замислите. Бојни бродови во пламен кај Орион. Гледав Ц-зраци како светкаат во мракот крај Тенхаузеровата Порта. Сите тие мигови ќе бидат изгубени во времето, како солзи во дожд. Време е за умирање“, вели Рој Бети на Хауер во незаборавната сцена од култниот филм.
Како млад актер во раните 1970-ти Хауер имал плодна кариера во родната Холандија, особено во соработка со режисерот Пол Верховен. Во 1973 играл во неговиот филм „Локум“ (Turkish Delight), кој се смета за еден од најуспешните холандски филмови на сите времиња и бил номиниран за Оскар за најдобар странски филм.
По преминот во Холивуд има играно во десетици разновидни филмови, од историски, крими и воени драми до научнофантастични и хорори.
Паралелно работел и во Европа и изјавил дека особено е горд на својата улога во италијанскиот филм „Легендата за светиот пијаница“ (La leggenda del santo bevitore) кој 1988 освои Златен лав на Венецискиот филмски фестивал.
Хауер беше активист на еколошката организација „Гринпис“ и е основач на здружението „Старфиш“, непрофитна организација посветена на подигање на свеста за ХИВ/СИДА. Се женел два пати, од првиот брак ја има ќерката Хајди Мерц која е актерка, а со втората сопруга Инеке тен Кате беше во брак 50 години.