Почина српскиот писател и преведувач Давид Албахари, на 75 години, после долго боледување, соопшти неговото семејство. Починал во Ургентниот центар во Белград.
Aлбахари е плоден писател со 18 збирки раскази, 16 романи и пет книги со есеи. Првата збирка кратки раскази „Семејно време“ (Породично време) ја објави во 1973, а поголема популарност стекна со четвртата книга „Опис на смртта“ (Опис смрти) од 1982, за која ја добил „Андриќевата награда“. Во 1993 ја објави збирката „Пелерина“ за која ги освои наградите „Станислав Винавер“ и „Бранко Ќопиќ“. Во 1996 излезе романот „Мамец“ ( Мамац) кој ги освои НИН-овата награда, наградата „Балканика“, наградата „Мост Берлин“ и наградата на Народната библиотека на Србија за најчитана книга. За романот „Пијавици“ (Пијавице) од 2006 е награден со Наградата на градот Белград; со романот „Животинско царство“ (Животињско царство) ги освои наградите „Исидора Секулиќ“ (2014) и „Душан Васиљев“ (2015).
Неговите книги се преведени на 18 јазици, меѓу кои и македонски, англиски, хебрејски, француски, шпански, италијански, унгарски, албански, словачки, грчки, германски, дански, полски и есперанто. Албахари е познат и по преведување проза, поезија и есеистика од англиски, американски, австралиски и канадски автори.
Роден е во 1948 во Пеќ, студирал англиска литература и јазик во Загреб. Во 1991 станал претседател на Федерацијата на еврејски заедници на Југославија, при што учествувал во евакуацијата на еврејското население од Сараево. Во 1994 се преселил во Калгари, Канад, а во 2012 повторно се враќа во Белград. Во периодот меѓу 1973 и 1994 работел во редакциите на повеќе списанија и издавачки куќи во Белград и во Нови Сад. Од 2 ноември 2006 , Албахари е член на Српската академија на науките и уметностите, надвор од работниот состав.