ПОЧИНА ВЕЉКО БУЛАЈИЌ, РЕЖИСЕРОТ НА „БИТКАТА НА НЕРЕТВА“ И „СКОПЈЕ ‘63“

    ПОЧИНА ВЕЉКО БУЛАЈИЌ, РЕЖИСЕРОТ НА „БИТКАТА НА НЕРЕТВА“ И „СКОПЈЕ ‘63“Вељко Булајиќ со постерот за „Битката на Неретва“, направен од Пабло Пикасо (Фото: Профимедија)

    Вељко Булајиќ, еден од најголемите југословенски режисери и автор на документарецот „Скопје ‘63“, почина на 96-годишна возраст во Загреб, потврди неговото семејство. Во неговата богата филмографија се истакнува епската акција „Битката на Неретва“, најскапиот југословенски филм на сите времиња, кој беше номиниран за Оскар за најдобар странски филм во 1970.

    Роден во Црна Гора во 1928, Булајиќ го поминал детството во БиХ, а најголем дел од животот работеше и живееше во Хрватска. Режисерската кариера ја почнал во 1950-тите, кога сними неколку кратки филма, а првиот долгометражен игран филм му е „Воз без возен ред“ од 1959, кој бил прикажан на Канскиот филмски фестивал.

    Булајиќ се прослави со филмовите на теми од Втората светска војна („Војна“, „Вжештениот град“, „Козара“, „Големиот транспорт“), а според Хрватската радиотелевизија, неговите филмови имале вкупно 500 милиони гледачи низ светот.

    Во 1969 го сними „Битката на Неретва“, филмски спектакл во кој, покрај најпознатите југословенски актери од тоа време, глумеа и Орсон Велс, Јул Бринер, Франко Неро и Сергеј Бондарчук.

    Во кариерата сними 26 кратки и долгометражни филма, вклучувајќи го документарецот „Скопје ‘63“. Снимањето почнало три дена по земјотресот и траело четири месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира