ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ И УРЕДУВА ПАРКИНГОТ ПОД МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА, ЌЕ ИМА МЕСТО ЗА 120 ВОЗИЛА

    ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ И УРЕДУВА ПАРКИНГОТ ПОД МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА, ЌЕ ИМА МЕСТО ЗА 120 ВОЗИЛАПросторот во рамки на музејскиот комплекс со години беше запуштен и се користеше како импровизиран паркинг. (Фото: Министерство за култура)

    Почна да се чисти и уредува подземниот паркинг под Музејот на Македонија во скопската Стара Чаршија, со што ќе се овозможи слободно место за паркирање за 120 возила. Проектот за уредување на просторот треба да биде готов за 10 дена, а денеска го претставија првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

    „Започнуваме со чистење и уредување на подземниот паркинг на Музејот на Македонија со капацитет за 60 возила и надворешниот простор за уште 60 други. За 10 дена, овој паркинг ќе биде функционален и во служба на посетителите, Еснафот и вработените во институциите овде. Ова е само првата точка од една поголема визија за трансформација на Чаршијата,“ изјави Меџити.

    Меџити најави и поставување на подземни контејнери за поефикасно управување со отпадот, целосна реконструкција на калдрмата на улиците Самарџиска, Ковачка, Петар Михов, Сарачка и делумно Папуџиска, како и поставување на подземни кабли заедно со замена на оштетената мрежа на цевки.

    „Со акцијата го уредуваме просторот во рамки на музејскиот комплекс, кој со години беше запуштен и се користеше како импровизиран паркинг. Сите хаварисани возила ќе бидат отстранети, просторот ќе се исчисти и ќе се стави во функција како уреден паркинг за посетителите на Музејот и Старата скопска чаршија. Со оваа мерка, не само што се подобрува изгледот и функционалноста на просторот, туку и се олеснува пристапот на граѓаните до културното наследство. Веруваме дека ова ќе придонесе за поголема посетеност на музејот и чаршијата, како и за зајакнување на културниот туризам во нашиот град“, изјави Љутков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира