ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ СКОПСКОТО КАЛЕ, СО 130.000 ЕВРА ЌЕ СЕ РЕКОНСТУРИРААТ ДВАТА ВЕЌЕ ИЗГРАДЕНИ МУЗЕЈА КОИ ПРОПАЃААТ ОТИ НЕ СЕ ОТВОРИЈА

    ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ СКОПСКОТО КАЛЕ, СО 130.000 ЕВРА ЌЕ СЕ РЕКОНСТУРИРААТ ДВАТА ВЕЌЕ ИЗГРАДЕНИ МУЗЕЈА КОИ ПРОПАЃААТ ОТИ НЕ СЕ ОТВОРИЈАВесела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство и министерот Љутков денеска ја најавија акцијата за чистење на Калето. (Фото: К. Попов)

    Со 8 милиони денари (околу 130.000 евра) кои ќе се обезбедат од ребалансот на Буџетот, ќе се реконструираат двата музеја на Калето во Скопје и ќе се работи на негова санација за да стане туристичка атракција, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков. На прес-конференцијата на Кале, заедно со Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, претседателот на Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, како и други градоначалнци на скопски општини, Љутков кажа дека Калето 10 години е во запуштена и девастирана состојба.

    Орце Ѓорѓиевски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје на престојните Локални избори.

    Просторот е запуштен со години; – Од денешната акција. (Фото: К. Попов)

    „Неколку пати се обидовме да исконтактираме со Град Скопје и со Јавното претпријатие ‘Паркови и зеленило’, за да помогнат во процесот на чистење, но не добивавме никаков одговор. Затоа се обративме до ЗЕЛС и веќе се работи на чистење и озеленување на скопското Кале“, кажа Љутков.

    Во 2011 почнаа да се градат три музеи –  за праисторија, за османлиски и за средновековен период, но до ден денес ниту се отворени, ниту пак просторот е уреден.

    Уште лани во октомври, Честоева кажа дека целосно изградените музеи предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот периот се целосно запуштени, а видливи се и делумни оштетувања, а музејот предвиден за поставката на археолошките предмети од средновековниот период, кој не е дограден, е целосно обраснат од вегетација.

    Љутков додаде дека двата музеја се во многу лоша состојба, ќе треба целосно менување на механизацијата и климатизацијата. Ќе се распише јавна набавка за поправка на овие простори. Објектот треба да се стави во функција во 2026, и веќе во 2028, како што рече министерот, кога Скопје ќе биде Европска престолнина на културата, да биде еден од најискористените.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира