ПОЕЗИЈАТА НЕ Е САМО ПЕСНИ, ТУКУ Е И НАЧИН НА ЖИВОТ КОН КОЈ СИТЕ ТРЕБА ДА СЕ СТРЕМИМЕ, РЕЧЕ ВЕНЦЕНОСЕЦОТ ЖАН ПЈЕР СИМЕОН ПРЕД ВЕЧЕРАШНОТО ОТВОРАЊЕ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ПОЕЗИЈАТА НЕ Е САМО ПЕСНИ, ТУКУ Е И НАЧИН НА ЖИВОТ КОН КОЈ СИТЕ ТРЕБА ДА СЕ СТРЕМИМЕ, РЕЧЕ ВЕНЦЕНОСЕЦОТ ЖАН ПЈЕР СИМЕОН ПРЕД ВЕЧЕРАШНОТО ОТВОРАЊЕ НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА„Знам дека големите поети, великаните дошле тука токму во Струга за овој фестивал. Малку се срамам кога стојам покрај нив“, рече Жан Пјер Симеон. (Фото: СВП)

    Францускиот поет и драматург Жан Пјер Симеон, годинашниот лауреат на Златен венец на Струшки вечери на поезијата што почнуваат вечерва, вели дека денес луѓето не живеат на правилен начин и оти не треба да бидеме робови на општествените барања.

    „Нашите животи ни се земаат од рака и поезијата е на некој начин нешто што ни кажува на сите нас дека имаме право апсолутно целосно да го живееме својот живот. Не само да постоиме во некакви улоги, да имаме обврски, ниту, пак, да бидеме робови на општествените барања. Мора да се размислува за животот во општеството низ призма на поет, на слободен начин. Целта е секогаш да се слави апсолутноста на животот. Постојат многу начини на коишто тоа можеме да го направиме. Љубовта е само еден пример, еден од најдобрите примери“, кажа Симеон на денешната прес-конференција во Струга.

    Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“ на 25 август. Фестивалот ќе трае до 26 август.

    Лауреатот кажа оти е почестен што ова признание од областа на поезијата, на светско ниво.

    Жан Пјер Симеон традиционално како и сите лауреати, засади дрвце во Паркот на поезијата. (Фото: СВП)

    „Знам дека големите поети, великаните дошле тука токму во Струга за овој фестивал. Малку се срамам кога стојам покрај нив. Навистина ми претставува огромна чест и одговорност затоа што не зборувам само за мојата поезија и за мојот живот, туку зборувам за важноста на поезијата во нашите животи, заедничките животи во општеството. Моето творештво во изминативе години имаше за цел на сите да им покаже дека поезијата мора сите да нѐ заинтересира затоа што таа не се состои само од песни. Поезијата е начин на живот, начин на постоење. Начин на живот кон којшто сите треба да се стремиме. Кон слободата, братството. Сметам дека тоа треба да биде цел на сите нас. Мислам дека тука во Македонија со овој фестивал, кој е толку добро познат низ целиот свет, исклучително е важно за сите поети низ целиот свет овој фестивал да постои“, рече поетот.

    Свеченото отворање на фестивалот е вечерва во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во 20:30 часот. Ќе настапи пијанистот  Дино Имери, поетската порака ќе ја прочита Веле Смилевски, а фестивалот за отворен ќе го прогласи министерот за култура Зоран Љутков. Мотото на годинешниот фестивал е „Допир на убавината“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира