Полиција го чува Скопскиот аквадукт, културно наследство од 6 век, откако екипи на Конзерваторскиот центар Скопје пријавија дека има нови оштетувања во столбовите, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на Управата за заштита на културно наследство Ацо Костов.
„На 17.10.2019 околу 11.00 часот во СВР Скопје, директорот на Конзерваторски Центар – Скопје пријавил дека непознат сторител извршил оштетување на Аквадуктот, кој е дел од културно наследство, при што биле оштетени 10 потпорни носечки столбови. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Директорот на Конзерваторскиот центар Скопје Коле Чапкановски ни рече дека на 3 октомври почнале да работат на теренот околу Аквадуктот, а новите оштетувања во долниот дел на 10-те носечки потпорни столбови ги забележале на 7 октомври и пријавиле во Управата. Чапкановски вели дека идејниот проект за заштита на Аквадуктот е готов, и дека на реализација на основниот проект се вклучени професори од Градежниот факултет во Скопје.
„Забележани се набабрувања на почвата, веројатно поради подземни води. На 3 почнавме да работиме со екипите на сондажни бунари кога ги забележавме оштетувањата“, ни рече тој.
Костов вели дека утре или во вторник го очекува извештајот за да знае на кои позици се оштетувањата, колкава е разликата во оштетувањата во изминатите години, по што ќе излезе со изјава за оштетувањата на културното наследство од прва категорија.
Министерството за култура го осуди вандалскиот чин на оштетување на Аквадуктот.
„Во соработка со Управата за заштита на културното наследство, Конзерваторскиот центар Скопје , Општина Карпош, Министерството за внатрешни работи и Министерството за култура, по извршениот увид преземени се итни мерки за превентивна заштита и се обезбедени засилени патроли за безбедност на Аквадуктотот кој е заштитено културно наследство од прва категорија“, соопшти кабинетот на министерот за култура Хусни Исмаили.
Во февруари 2018, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, по посетатата на локалитетот со премиерот Зоран Заев и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, рече дека почнува целосна ревитализација на Скопскиот аквадукт и дека во 2018 се обезбедени околу 18 илјади евра за изработка на проект за конзервација на аквадуктот.
„По повеќегодишно институционално запоставување, во 2018 издвовиме 1.100.000 денари за изработка на проект за конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт. За оваа наша уникатна знаменитост, подготвени сме да вложиме и повеќе за да го спречиме нејзиното пропаѓање и да го заживееме овој прекрасен дел од градот. Први за конзервација се најзагрозените делови на аквадуктот, а понатамошната реконструкција ќе се одвива внимателно и стручно во неколку фази“, најави тогаш Алаѓозовски.
Тогаш, по повеќегодишна запуштеност беше исчистена околината околу аквадуктот, а беше најавено дека се планира и поставување на урбана опрема и информативни табли.
Се смета дека Аквадуктот датира од времето на Римското царство или Византија во времето на Јустинијан Први, од 527 – 554, па поради тоа овој аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Според овие мислења, тој бил поврзан со градот Скупи. Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.
Според Прокопиј, водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 . Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на аквадуктот со Куршумли ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на 15. век, кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува заедно со новите исламски градби амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода.
Б. НЕСТОРОСКА