Деведесет и шестгодишниот скулптор Илија Аџиевски утревечер (19 часот) има голема изложба во Даут пашиниот амам, на која ќе биде претставено неговото богатото портретно творештво, вели Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).
Кураторка е Ана Франговска, која вели дека во неговиот опус најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметност или сродни по продуховеност пријатели.
„Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги ‘ослободи од заробеништво’ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа, ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптурално дело неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво коезаслужува особено внимание и дигнитет“, вели Франговска.
Аџиевски е роден во Струга, а основно училиште завршил во Струга во 1938. Образованието го продолжил во Дебар во Економското училиште. Во 1942 се вклучил во младинското движење за отпорот против фашизмот. Во 1946 се запишал во тогашното уметничко чилиште во Скопје кај професорите Димо Тодоровски, Вангел Коџоман и останатите основоположници на македонската современа ликовна уметност. Во 1949 година се запишал на академијата за ликовни уметности во Белград во класата на професорот Лојзе Долинар. Една година подоцна се префрлил на академијата за ликовни уметности во Загреб, каде дипломирал во класата на професорот Фране Кршиниќ, 1954 година. Неговите студиски престои биле во Грција, Турција, Италија, Франција и Египет. По завршувањето на академијата почнал да живее и твори во Скопје како слободен уметник. Од 1956 година тој е член на ДЛУМ.
Во својот работен век има создадено голем број на споменици, монументални керамички релјефи, парковски скулптури, портрети на познати личности и негови пријатели, како и статуети во помал формат.
Б. НЕСТОРОСКА