Проектот на уметницата Славица Јанешлиева „Помеѓу надеж и страв“ ќе биде македонски претставник на 60. Венециско биенале на уметноста, кое ќе се одржи од 20 април до 24 ноември 2024, соопшти Министерството за култура. Носител на проектот е Националната галерија на Македонија (НГМ).
Во образложението на комисијата при Министерството за култура, во состав Станко Павлески (ликовен уметник), Зоран Петровски (историчар на уметноста) и Луан Зенку (ликовен уметник), стои дека: „Проектот е дводелна просторна инсталација во која Јанешлиева гради (авто)поетична лирска метафора поттикната од ехо на чувства од издвоен лик од басната ‘Грдото пајче’ на Х. К. Андерсен, сопоставувајќи засебна релациска целина од слики – огледални рефлексии, надградени со истовремено во живо снимени и проектирани слики – аголни визури на сопствениот лик – фигури пред огледалaта надополнето и со позната детска мелодија од американските ’40 – ’50 години на минатиот век, во духот на басната употребена во претходната односна целина, воспоставувајќи илустративност на бивањето на поединецот странец или не, во најширока смисла на зборот“.
На Конкурсот за учество на Биеналето, годинава пристигнале уште две пријави, за „Ничија уметница“ од Весна Стефановска и „Разгледница од маргините: Расплетување на животи, издржливост и други приказни“ од Ѓорѓе Јовановиќ, кои се одбиени бидејќи, како што вели Министерството, не ги исполнуваат во целост условите и критериумите на Конкурсот.
Б. НЕСТОРОСКА