Вечерва во 19 часот во Клуб ресторанот МКЦ ќе има промоција на првото реобјавување на првиот македонски роман „Село зад седумте јасени/Стебла“ од Славко Јаневски.
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ најавува дека вечерва ќе биде промовиран и првиот број на списанието „Архив Јаневски“.
„’Село зад седумте јасени’ официјално е првиот македонски роман, објавен во 1952 . Од тогаш поради разни причини не е повеќе реобјавуван сѐ до појавата на ова издание. Јаневски во еден момент се откажал од авторството на романот и во 1965 го објавил романот ‘Стебла’ како втора верзија од ‘Село зад седумте јасени’. Во изданието што ќе го промовираме, опфатени се двата романа така што тоа е е уникатна можност тие да се споредат и да се протолкуваат мотивите за контроверзната одлука на Јаневски“, вели Фондацијата. Делови ќе читаат Мери Каровска и Владимир Петровиќ, а ќе настапи квартетот на Гоце Стевковски.
Покрај романите, ќе биде промовиран и првиот број на списанието „Архив Јаневски“, насловен „Јавач на комета“. Планирано е списанието да излегува еднаш годишно и, главно, да се занимава со артефактите од животот и творештвото на Јаневски, но и со останатите аспекти на живата култура и општествените прашања. Првиот број во целост е посветен на ликовното творештво на Славко Јаневски и содржи стотина помалку познати репродукции од масла на платно од него.