РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА СО АУТИЗАМ ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ДЕНОВИ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО

    РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА СО АУТИЗАМ ВО АРХЕОЛОШКИОТ МУЗЕЈ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ДЕНОВИ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВОAрхеолошката едукативна работилница „Млади археолози“ има програми за сите деца од предучилишна и училишна возраст, како на пример интерактивни содржини и можноста за креативно изразување преку моделирање со глина, цртање и пишување

    „Уметност и забава“ е темата на годинашните Европски денови на културното наследство во земјава, кои почнаа вчера, а ќе траат до недела. Манифестацијата Европски денови на културно наследство вклучува повеќе од 70 илјади културни настани што се организираат во педесетте земји – потписнички на Европската културна конвенција. Оваа иницијатива има за цел да ја подигне свеста кај пошироката јавност за заедничкото европско наследство.

    Во Археолошкиот музеј, утре во 10.30 часот ќе има креативна работилница насловена „И јас можам” во едукативното катче „Млади археолози” за децата со аутизам, АДХД и Асперегеров синдром кои доаѓаат од здружението „Во мојот свет”.

    „Како општествено одговорна институција која е музеј за сите, ја промовираме инклузивноста со редовно организирање на едукативни работилници, кои имаат за цел поттикнување на креативноста и имагинацијата на лицата со попреченост“, велат од Археолошкиот музеј.

    Националната галерија на Северна Македонија организира повеќе настани во рамки на Деновите, како  конференцијата „На крстопат на културните идеи: Македонија, Балканот, Југоисточна Европа – наследство, менаџмент, ресурси“, што од денес се одржува во Охрид.

    На 27 септември во 12 часот Даут пашин амам ќе има ликовно-едукативна работилница „Уметнички рефлексии“. На работилницата, децата ќе творат инспирирани од делата на осноположниците на македонската ликовна уметност (Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Борко Лазески, Томо Владимирски, Борка Аврамова, Вангел Коџоман, Михајло Шојлев, Љубомир Белогаски), кои се образовале во европски градови, а најмногу специјализирале во Париз.

    Во Музејот на Северна Македонија е поставена изложбата „На маргините на Скопскиот Регион – сакрални објекти и рурална архитектура“, којашто се реализира во соработка со Центарот за културно и духовно наследство „Каламус“. Автор на концепцијата за изложбата е м-р Дарко Николовски, советник-конзерватор во Националниот конзерваторски центар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира