РЕГИОНАЛНА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА Е НАЈДОБРОТО ШТО МОЖЕ ДА НИ СЕ СЛУЧИ ПОСЛЕ СЀ ШТО ПРЕЖИВЕАВМЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА МГЛ ЉУБЉАНА ЗА КОПРОДУКЦИСКИОТ ПРОЕКТ ПО ТЕКСТ НА ДУШАН ЈОВАНОВИЌ ВО СКОПЈЕ

    РЕГИОНАЛНА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА Е НАЈДОБРОТО ШТО МОЖЕ ДА НИ СЕ СЛУЧИ ПОСЛЕ СЀ ШТО ПРЕЖИВЕАВМЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА МГЛ ЉУБЉАНА ЗА КОПРОДУКЦИСКИОТ ПРОЕКТ ПО ТЕКСТ НА ДУШАН ЈОВАНОВИЌ ВО СКОПЈЕПеновиќ, Самобор, министерот за култура Зоран Љутков, Вељановски и Радивојевиќ на денешната прес-конференција во Драмски театар во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Од денес во Скопје почнуваат пробите за претставата „Животот на провинциските плејбои по Втора светска војна“ од Душан Јовановиќ, регионална копродукција на Драмскиот театар од Скопје, Местно гледалишче од Љубљана (МГЛ), Будва Град театар  и Београдско драмско позориште (БДП).

    Овој копродукциски проект, како што рече на денешната прес-конференција директорот на Драмски театар Роберт Вељановски, е зачнат во Регионалната унија на театри РУТА и со неа се одбележуваат 5 години од основањето на Унијата во која членуваат шест балкански театари.

    Претставата ќе ја режира хрватскиот драматург и режисер Иван Пеновиќ, кој од следната сезона ќе биде директор на Драма во Хрватското народно казалиште во Сплит. Ќе играат Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов и Соња Стамболџиоска (од Македонија), Марко Гверо и Иван Томиќ од Белград, Нејџ Језерник и Јулита Кропец од Словенија, како и Лазар Николиќ од Црна Гора.

    Директорката на МГЛ Барбара Самобор рече дека РУТА се шири, веќе не е само патувачки фестивал, туку еве веќе и развива ваков вид на копродукции.

    „Со оваа претстават се одбележуваат 5 години од смртта на Јовановиќ. Тоа е една од мисиите на оваа наша копродукција, затоа што Душан Јовановиќ е еден од татковците на модерниот балкански театар. На некој начин тоа е личноста која на сите нас ни е блиска и драга. Мислам дека вака склопена екипа ќе ужива додека работи на претставата и се надевам дека и ние, и публиката и продуцентите ќе уживаме додека ја гледаме. Јас сум горда дека сум дел од ова и верувам дека вакви ситуации, вакви комбинации, се најдобро што може да ни се случи во културата, после сѐ што преживевме и доживеавме секој на свој начин“, рече Самобор.

    Директорот на Београдско драмско позориште Југ Радивојевиќ кажа дека премиерата е на 10 август во Будва, на 17 август ќе се изведе на Охриско лето. Во Скопје ќе игра во октомври, во Белград во декемрви, а во Љубљана во февруари 2026.

    Преводот од словенечки јазик на македонски и на српски јазик е на Соња Должан, а актерите ќе играат секој на својот мајчин јазик.

    Режисерот Пеновиќ вели дека овој проект, не само што ќе го оживее, туку и ќе го прикаже богатството и разноликоста на нашите јазици.

    „Ова е највисок чин на уметничка креација“, рече Пеновиќ.

    Сценографијата е на Лазе Трипков, костимите на Александар Ношпал, музиката на Владимир Пејковиќ, а сценските движења на Дамир Клемениќ.

    Вељановски рече дека претставата ќе се подготвува осум недели во Скопје, и дека целата техничка подготовка, каде и да се изведува претставата, ќе биде на Драмскот театар.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира