РЕШАТ АМЕТИ СЛАВИ 30 ГОДИНИ СЛИКАРСТВО СО РЕТРОСПЕКТИВА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ

    РЕШАТ АМЕТИ СЛАВИ 30 ГОДИНИ СЛИКАРСТВО СО РЕТРОСПЕКТИВА ВО ДАУТ ПАШИН АМАМИзложбата на Амети во Даут пашин амам е насловена „30 години уметност“, а ќе трае од 28 октомври до 29 ноември. (Фото: НГСМ)

    Сликарот и професор Решат Амети слави 30 години во уметноста со ретроспективна изложба која ќе се отвори на 28 октомври во Националната галерија на Северна Македонија – Даут пашин амам. Изложбата е насловена „30 години уметност“, ќе трае до 29 ноември, а објектот за посетителите е отворен секој ден, освен понеделник, од 10 до 18 часот.

    Амети е типичен, но впечатлив апстрактен експресионист, вели за него Бехиџудин Шехапи, историчар на уметност и поранешен директор на Националниот конзерваторски центар.

    „Неговата креативност е изразена низ 4-те столбови на неговото творештво во изминатите 3 децении, а тие се геометризмот, лирската апстракција, светлината и традицијата. Улогата на геометризмот, лирската апстракција и светлината се поевидентни во неговото творештво, но и традицијата исто така е мошне присутна во сите негови тематски дискурси и тоа како насушна потреба, која претставува неизбежна мотивација и дава душа во целиот негов опус. Притоа, елементите од традицијата се изразени со орнаменти, поинаку закачени ‘килими’ на платно и многу други вредности од нашето културно богатство кои се препознатливи во нашето секојдневие“, пишува Шехапи во каталогот за изложбата.

    „Рекомпонирање“, масло на платно, 2018 година. (Фото: НГСМ)

    Шехапи, меѓудругото, вели дека Решат е смел уметник, и дека неговата уметност не е во вистинска смисла на зборот негација на материјалното, па да ја насловиме како апстрактна.

    „Имено, во неговата апстрактност се кријат многу јаснотии, раскошни фигури, облици, објекти кои тој беспрекорно со прецизност ги создава и кои асоцираат на форми од реалниот материјален свет. Токму  ваквиот рафиниран стил го прави Решат Амети уникатен во сите негови фази“, вели Шехапи.

    Амети дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на Ана Темкова. Постдипломски студии завршил на Факултетот за уметности во Приштина, во класата на Реџеп Фери. Работи како професор по сликарство на Факултет за уметности на Државниот универзитет во Тетово.

    Добитник е на повеќе награди, од кои една од најзначајните е „11 Октомври” за животно дело во уметноста и културата во 2013.  Од Националната галерија велат дека од 1990 кога за прв пат изложува самостојно, во изминатите триесет години реализирал десетици самостојни изложби на сите континенти, како и дека неговите дела се наоѓаат во колекциите на национални музеи, галерии и институции.

    „Исто така, неговите уметнички дела се во сопственост на приватни уметнички колекционери, како и на познати личности, добитници на Нобелова награда, познати светски писатели, претседатели на држави“, велат од НГСМ.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира