Со ретроспектива на почетоците и потсетување на некои од најголемите светски кинематографери и актери кои дошле во Битола, почна јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Американскиот кинематографер, Едвард Лакман, кој работел на филмови како „Ерин Брокович” и „Керол”, ја прими наградата Златна Камера 300 за животно дело од претседателот Стево Пендаровски, и рече дека е почестен што наградата претходно ја примиле неговите ментори како Свен Никвист, Роби Милер и Анри Алекан, и оти се чувстува засрамено бидејќи смета дека не им е дораснат.
„За врската помеѓу режисерот и кинематограферот велам дека не е брак, туку дека повеќе се како партнери за танц. Но, прашање е дали ја слушаат истата музика. Реално, режисерот треба да ја постави сцената, и треба да го третира кинематограферот како уште еден актер или актерка, но прашање е дали режисерот ќе им овозможи да блеснат во сиот свој сјај”, рече Лакман.
Тој додаде оти со оваа награда сака да му оддаде почит на американскиот фотограф Роберт Франк кој почина неделава, и кажа дека го чувствува како негов татко.
„Почестен сум што ја примам оваа награда пред мојата 13-годишна ќерка Бела и нејзината мајка која ми дава љубов и поддршка низ годините и која ме научи како да имам отворено срце и отворен ум, без или со камера”, рече Лакман и доби стоечки аплауз.
Голем аплауз доби и македонскиот композитор Љупчо Константинов, автор на музиката на култните македонки филмови „Среќна Нова ’49“ и „Тетовирање“, кој од претседателот на Друштвото на филмски работници Игор Иванов-Изи ја доби наградата Голема ѕвезда на македонскиот филм.
Меѓу говорниците на сцената беше и Најџел Волтерс од ИМАГО, кој е и потпретседател на Британското друштво на кинематографери, кој говорејќи за историјата на „Браќа Манаки“, рече: „Никогаш нема да заборавам кога една есенска вечер со многу дожд во Скопје, видов група битолчани кои протестираа кога фестивалот беше преместен од Битола во Скопје. За мене тие се вистинските херои на овој фестивал“, и доби огромен аплауз.
По официјалниот дел со говори кој траше час и половина, публиката ја поздрави и директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска која кажа дека овој фестивал е нејзината голема љубов, а филмот за отворање „Болка и слава“ на шпанскиот режисер Педро Алмодовар го најави кинематограферот Хозе Луис Алкаине.
„Мој мајчин јазик не е англискиот, ниту македонскиот, туку сцените од филмот. Сѐ што сакав да ви кажам, ќе го видите на филмското платно”, рече Алкаине.
Фестивалот ќе трае до 21 септември, а деновиве се во Битола ќе дојдат и познатиот германски режисер со турско потекло Фатих Акин и угледниот грчки кинематографер Јоргос Арвантис.
Б. НЕСТОРОСКА