Во објектот „Скуола деи Ланери“, вчера официјално беше презентиран мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ (Landscape Experience) на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, со кој Македонија се претставува на 59. издание на Венециското биенале за ликовна уметност. На настанот присуствуваа и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими, која е и комесарка на проектот.
Старова-Ќерими истакна дека Националната галерија осми пат е организатор на македонскиот павилјон на Биеналето и ја појасни концепцијата на проектот.
„Преку естетиката на магичните пејзажни креации на еден прекрасен, напуштен и еколошки катастрофално уништен геополитички регион, претставени се токсичноста и разорната моќ на привидната надреална убавина врз здравјето на целиот жив свет. Авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска и во своите досегашни проекти ја разгледуваат и обработуваат естетиката на напуштените/запуштени пејзажи, ставајќи ги во нов контекст и постојано барајќи нови слоеви на читање на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, опојно-отровно“, рече Старова-Ќерими.
Кураторки се Ана Франговска и Сања Којиќ-Младенов. Венециското биенале ќе се одржува од 23 април до 27 ноември.