РОМАНСКАТА ОПЕРСКА ДИВА АНЏЕЛА ГЕОРГИУ ЌЕ ГО ОТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТО, И ЏОН МАЛКОВИЧ ЌЕ ДОЈДЕ СО ПРЕТСТАВА

    РОМАНСКАТА ОПЕРСКА ДИВА АНЏЕЛА ГЕОРГИУ ЌЕ ГО ОТВОРИ ОХРИДСКО ЛЕТО, И ЏОН МАЛКОВИЧ ЌЕ ДОЈДЕ СО ПРЕТСТАВАДиректорката Наташа Поповиќ и селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска ја најавија програмата за 63. Охридско лето. (Фото: Охридско лето)

    Романскиот сопран Анџела Георгиу, заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија под диригентство на Теодорашку Артаманов од Романија, на 12 јули ќе го отвори 63. издание на фестивалот Охридско лето во Античкиот театар, соопшти директорката Наташа Поповиќ и кажа дека во драмскиот дел ќе гостува и американскиот и холивудски актер, продуцент и режисер Џон Малкович.

    „Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува по светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција“, рече Поповиќ.

    Малкович доаѓа со проектот во режија на Михаел Штурмингер „Вечер на Џон Малкович“ во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија.

    „Малкович е најексклузивниот гостин кој ќе се запише во листата на најголемите уметници кои настапиле низ фестивалската историја на Охридско лето“, додаде Поповиќ.

    Селекторката на музичката програма Бисера Чадловска рече дека покрај спектакуларното отворање, годинава фестивалот нуди врвни музички имиња од земјава и светот.

    „Од светските имиња, ќе издвојам неколку: светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ и оркестарот ‘Дабл сенс’ (Double Sense), Френк Дупре џез трио, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот ‘Фејмс’, камерниот оркестар ‘Кончертанте’ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл ‘Ла Спања’ (La Spagna), дувачкиот камерен ансамбл ‘Камерата академика’ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд и уште многу други исклучителни уметници. Од домашните имиња ќе имаме можност да ги слушнеме пијанистите Дино Имери и Мимоза Ќека со индивидуални рецитали, пијано дуото Гелебешеви, триото ‘Аура’, традиционалниот концерт на Музичка младина на Македонија, дувачко трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо и за крај на музичката програма, ден пред Свеченото затворање, хорот ‘Про арс’ под диригентство на Сашо Татарчевски, со едно ново создадено дело на професорот Живојин Глишиќ, со наслов ’12 месеци’. За роденденот на фестивалот, на 4 август, ќе слушаме фадо музика, во изведба на Жоана Амендоеира, Педро Амендоеира и Жоао Филипе“,  рече Чадловска.

    Селекторката на драмската програма  Сања Арсовска рече дека театарската програма годинава може слободно да се нарече „Издание на големите“.

    „63-тото издание на Охридско лето, својата театарска програма ја отвара со Стивен Фридмен и Офф Бродвеј претставата ‘Бикот на Фаларис’, извондредна автобиографска монодрама за еден генијален ум во потрага по одговорите на есенцијанлите животни прашања, вадејќи го екстрактот на убавото во секоја човекова болка. 26 јули 2023 ќе остане запаметен по тоа што Охридско лето ќе приреди историски настан, носејќи едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович. Претставата ‘Пеколна комедија- Исповедта на еден сериски убиец’, во режија на Михаел Штурминген, а во главната улога на Малкович во придружба на два сопрани и оркестар, на еден мрачно-комичен начин ќе ја обработи церебралната изопаченост на еден убиец. 29 јули е резервиран за уште една голема претстава, ‘Ана Карењина’, во продукција нa ‘Ујвудеки Зинхаж’ од Нови Сад, а во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. Една од најнаградуваните претстави во регионот во изминативе години, работена според Толстоевото големо дело со егзалтиран натарив и познатиот неговиот маестрален опис на малите животи и одлуките со кои може или не може да се живее“, рече Арсовска.
    Таа кажа дека Охридско лето ќе ја има првата премиера од домашна продукција на 6 август, со Театарот „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес и претставата „Едвард Втори” по текст на Кристофер Марлове, режирана од украинскиот режисер Андриј Жолдак.

    „На 10 август го имаме Охридскиот народен театар со ‘Серјожа е туп’ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска, на 14 август Прилепскиот театар ‘Војдан Чернодрински’ ќе даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела ‘Декамерон’ од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а во режија на феноменалниот Мартин Кочовски. На 18 август ни доаѓа Градскиот театар од Љубљана со претставата ‘Нора“’ од Ибзен, претстава која ја обележа оваа театарска сезона во Словенија, режирана од нашата најдобра режисерка Нела Витошевиќ, во чија главна улога настапува една од најголемите словенечки актерки, Ајда Смрекар. За затворање на фестивалот, jа имаме најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ во претставата ‘Лагата’ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар’, најави Арсовска.

    Од 12 јули до 20 август на фестивалот ќе има 34 концерти, седум театарски претстави, а на програмата се и балет, изложба на фотографии и промоција на книга. Охридско лето ќе биде домаќин на над 1.000 уметници од 20-тина земји од светот, како Србија, Чешка, Италија, Словенија , Полска , Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија и од Македонија.

    Охридско лето е меѓу првите пет од 140 фестивали членки на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА) .

    „Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека Охридско лето е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација но и потврда дека културата, уметноста и традицијата кои се создаваат на фестивалската сцена во древниот Охрид, го опишуваат кодот на нашиот народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност“, кажа Поповиќ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира