Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската писателка, професорка и преведувачка Румена Бужаровска е книга на неделата во Германија, според угледниот неделник „Шпигел“. Книгата во Македонија во 2014 ја издаде „Или-или“, а германското издание е на „Зуркамп ферлаг“ и излезе на 7 март годинава.
„Румена Бужаровска е Македонка која напиша вистински бестелер со раскази за 11 мажи. Единаесет приказни. Никогаш не е истиот маж или истата жена“, стои меѓудругото во рецензијата, како и: „ Книгата е забавна за читање затоа што е толку лута, затоа што е толку полемична. И никогаш не сум прочитала сексуални сцени толку смешни како оние кај Бужаровска, кога сè оди наопаку“.
За збирката раскази, писателката Оливера Ќорвезироска има напишано: „Ова е најдобрата збирка раскази на Румена Бужаровска досега, но и една од најдобрите збирки раскази објавени во земјава последниве неколку години“.
„Мојот маж“ е едно од најчитаните дела во земјава, лани во Драмски театар во Скопје имаше премиера во режија на Нела Витошевиќ, а во октомври беше поставено во Словенско народно гледалишче (СНГ) Љубљана во режија на Ивана Ѓилас. Се поставува и во култното Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград во режија на Јована Томиќ.
Б. НЕСТОРОСКА