Саемот за книга во салата „Борис Трајковски“ во Скопје годинава ќе се одржува од од 18 до 24 април, под слоганот „Приказна се чита“, најавија од Скопски саем и Македонската асоцијација на издавачи.
„Годинава на Саемот ќе имаме и гости од 5 земји, професионалци од областа на издаваштвото. Ќе бидат изложени дела на повеќе од 60 издавачи од Македонија и од странство, а најавени се триесетина промоции на нови изданија“, рече на денешната прес- конференција Бојан Саздов, претседателот на Асоцијацијата.
Саемот се отвара на 18 април (четврток) од 12 часот, а в петок ќе биде отворен од 10 часот. Годинава, сите активности ќе се одвиваат во промотивниот центар кој е во средина на салата. В сабота и во недела, ќе има неколку промоции на детски книги, а забавата за најмладите со маскоти на популарни ликови ќе биде во центарот на вниманието.
„Влезот чини 100 денари, за учениците 50 денари, а ќе има и билет за три влеза кој ќе чини 250 денари. Од нив, 15 денари се донираат за детското СОС село.
ЈСП воведе автобуски линии, автобусите со број 100 и 200 кои ќе возат од Ѓорче Петров и од Лисиче до салата“, рекоа организаторите, извршната директорка на Скопски саем, Даниела Глигоровска и проект-менаџерката на Саемот Сања Кондарко.
„Слоганот кој годинава гласи ‘Приказната се чита’, е посветен на младата публика која е повеќе фокусирана на социјалните мрежи, а ние сакаме да ја насочиме да чита. Во рамките на Саемот ќе се одржат и повеќе панел дискусии“, рече Саздов.
М. ЏАРОВСКА