САКАВ БАЈКА ВО ГРДИОТ СВЕТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ БЛАЖЕВСКИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ГОДИНА НА МАЈМУНОТ“

    САКАВ БАЈКА ВО ГРДИОТ СВЕТ, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ БЛАЖЕВСКИ ПО ПРЕМИЕРАТА НА „ГОДИНА НА МАЈМУНОТ“„Јас сум оптимист дека публиката ќе го разбере и ќе го засака филмот“; - Режисерот Владимир Блажевски со Игор Ангелов кој го игра главниот лик Цобе.- Од синоќешната премиера во Милениум (Фото: М. Златевска )

    Во полна сала на киното Милениум со режисери, професори, актери и студенти, режисерот и професор Владимир Блажевски синоќа го претстави својот четврти филм „Година на мајмунот“. Со премиерата на овој филм, работен по негово сценарио, почна 21. издание на Скопје филм фестивал. Филмот од денес е на редовниот репертоар на Синеплекс.

    Актерите Владимир Тулиев и Игор Ангелов со продуцентот Дарко Попов (Фото: М. Златевска )

    „Година на мајмунот“ е сатирична комедија, копродукција со Косово, Србија и Словенија. Буџетот за филмот е 1,4 милиони евра, обезбедени од Агенцијата за филм на Македонија, Еуримаж и Кино-мрежата на Југоисточна Европа.

    Режисерот е задоволен од првичниот впечаток на публиката, со оглед на тоа дека е специфична комедија на апсурд и важно му е што реагирала на точни места. Како што кажа деенска на прес-конференцијата, во овој филм за разлика од претходниот, „Панкот не е мртов“ (2011), сакал да создаде стилски сосема различна слика.

    Актерката Софија Куновска со ќерка си на премиерата (Фото: М. Златевска )

    „Не само во смисла на гама и колорит, туку и во смисла на расположение, една идеја да се долови бајковитост, во тој инаку грд и апсурден свет. Филмот и во визуелна димензија требаше позитивно да зрачи кон гледачот, да создава еден контрапункт, значи да зрачи со оптимизиам, а друга страна се случува тоа што се случува во приказната. Тоа беше нашата стратегија“, кажа професорот, кој ги има снимено и „Хај- фај“ (1987 ) и „Булевар на револуцијата“ (1992).

    Меѓу гостите и режисерите Даријан Пејовски и Вардан Тозија (Фото: М. Златевска )

    Поради копродукцијата со три земји, продуцентот Дарко Попов вели дека проектот бил прилично комплициран и токму затоа се развиваше уште од 2012.

    „За разлика од претходниот филм, овој филм сакавме да биде топол, позитивен и стилски и визуелно го работевме поинаку. Сакавме да направиме една убава бајковита атмосфера и задоволен сум како изгледа крајниот резултат“, кажа кинематограферот Димо Попов.

    Актерката и продуцентка Лабина Митевска (Фото: М. Златевска )

    Главните улоги ги играат Игор Ангелов, Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Музиката е на Алек Пејовски.

     

    Режисерот Слободан Унковски со сопругата Лина Ќостарова-Унковска (Фото: М. Златевска )

    Двата главни протагонисти се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје и шимпанзото Коко. Едноставната приказна се плетка околу бегањето на Коко ‘од ропство во слобода’. Цобе, поради општата економска криза и беда, добива отказ на своето работно место и ветување дека ќе го вратат на работа доколку успее да го пронајде и донесе назад одметникот.

    Споредна улога во филмот има Благој Веселинов (Фото: М. Златевска )

    Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира