СЕЛЕКТОРКАТА НА МАКЕДОКС ПЕТРА СЕЛИШКАР ДОБИ ПОДДРШКА ОД ЕУРИМАЖ ДА ГО СНИМА ДОКУМЕНТАРЕЦOT „ТЕЛО“

    СЕЛЕКТОРКАТА НА МАКЕДОКС ПЕТРА СЕЛИШКАР ДОБИ ПОДДРШКА ОД ЕУРИМАЖ ДА ГО СНИМА ДОКУМЕНТАРЕЦOT „ТЕЛО“Селишкар е меѓу основачите на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс. (Фото: МакеДокс)

    Долгометражниот документарен филм „Тело“, копродукциски проект меѓу Словенија, Хрватска и Северна Македонија во режија на словенечката режисерка Петра Селишкар која е и селекторка на фестивалот МакеДокс, доби поддршка меѓу 17-те филмови на последната сесија на Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела-Еуримаж која се одржа од 7-11 декември. Македонски копродуцент е „ППФП“ од Скопје, кој главно е фокусиран но продукција на документарни филмови, е и основач на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс и МакеДокс патувачкото кино.

    „Годинава Еуримаж финансиски подржа четири филмски проекти во кои свое учество имаат и продуцентите од нашата држава. Претходно, поддршка добија проектите ‘Преекспонирано’ во режија на Елеонора Венинова, ‘Зад стоговите сено’, кој е прва копродукција меѓу Грција, Северна Македонија (‘Сектор филм’ од Скопје) и Германија по потпишување на Преспанскиот договор, ‘Мојата мајка е космонаут’ во режија на Анди Делиана, албанско-македонска копродукција со учество на македонскиот продуцент ‘Дрим фектори’ од Скопје и на последнава сесија ‘Тело’, словенечко-хрватско-македонска копродукција“, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Еуримаж.

    Пепељугоска додава дека поддршката од Еуримаж не само што е важна за финансискиот аспект на филмските буџети, туку тоа претставува и дополнителна можност и перспектива за циркулација на проектите во другите европски држави.

    Од основањето во 1989 до денес, Еуримаж  поддржал 2.136 копродукциски проекти со вкупен буџет од 619 милиони евра.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира