Актерите Семјуел Џексон, Дени Гловер и Лив Улман и актерката и режисерка Елејн Меј се добитниците на почесниот оскар за 2022 година, објави Академијата за филмска уметност и наука. Џексон, Меј и Улман ќе примат почесна статуетка, додека Гловер ќе ја добие хуманитарната награда „Џин Хершолт“.
„Повеќедецениската ангажираност на Дени Гловер за правда и човекови права ја рефлектира неговата посветеност во хуманоста на и надвор од големото платно“, соопшти Академијата.
Џексон (72) има една, а Норвежанката Улман (82), која се прослави во филмовите на Ингмар Бергман, две номинации за оскар.
Осумдесет и деветгодишната Меј оствари големи успеси во комедијата во тандем со Мајк Николс, пред да стане призната сценаристка и режисерка. Двапати беше номинирана за оскар за најдобро сценарио.