КОЊОПОЈ ДО МУЗИКАТА

Кој не сака да плати, ќе му ги пуштиме кучињата да го изедат.

    КОЊОПОЈ ДО МУЗИКАТА

    1 За восхит е ентузијазмот на луѓето што во оваа држава викаат: „Пријави во инспекција, јави се во полиција, тужи на суд…“ Им се чудам на умот кога ќе ги чујам: „Не може тоа така, си има тука институции, ќе постапат…“ И им завидувам на нивниот оптимизам кога веруваат дека ако имаат проблем ќе им го реши некоја инспекција, Општината, некое министерство, судот.

    Најнов пример, последен од стотиците претходно забележани по медиумите, е долгогодишната узурпација на природниот локалитет Камени Кукли во селото Куклици, Кратовско. Локалитетот е  заштитен споменик на природата, ама со него приватно си управуваат татко и ќерка и им наплаќаат влезници на туристите. Ќерката е носителка на советничка листа во Советот на Општината. Заедно со татко ѝ направиле невладина организација за заштита на природата и аплицирале за проекти. Дури и добиле некои пари од ЕУ. Кога виделе дека добро им оди, си го направиле најдобриот проект – си изградиле куќичка и рампа за наплата на влезници. Кој не сака да плати, ќе му ги пуштиме кучињата да го изедат.

    И Општината Кратово се исплашила од кучињата, па пред четири години го тужела семејството на советничката за узурпација на државен имот. Уште се чека судот да реши државата да си влезе во сопствениот имот, бидејќи нема правосилна одлука. Во меѓувреме, против семејството туристички претприемачи има и неколку претставки до Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, оти влезниците ги наплаќаат на црно и не ја пријавуваат таа заработка. Колку пари им требале, толку си наплаќале. Дури, има и казнен налог против советничката во Општината оти ги малтеретирала посетителите што не сакале да ѝ платат без да им даде фискална сметка.

    Како да станува збор за две држави. Како Општината да е во една, а судот во друга држава. Како Општината да е во една држава, а Управата за јавни приходи да е во друга држава. Како Општината да е во една, а Пазарниот инспекторат во друга држава. Едната држава е трета, петта по економски раст, реформирана и средена по сите ЕУ стандарди, и другата држава –  не баш. Задушена во сопственото ѓубре, во која редот го ставаат партиски кучиња што ‘ржат, а граѓаните им се плашат.

    Ех, да е само Куклици. И да е само до незаконското наплаќање влезници. Секојдневно гледаме како разни институции и функционери си ја префрлаат одговорноста и си се прогласуваат за ненадлежни. Тоа, комбинирано со изгубеноста во сложени и бавни правни процедури, само сведочи за нефункционалноста на локалните и државните институции.

    Среќа што, на некој парадоксален начин, уште останаа граѓани што мислат дека во оваа држава има држава што ќе ги заштити нивните интереси.

    2 Не знам само од каде го извади оптимизмот и премиерот Христијан Мицкоски, откако само тој од лидерите од Западниот Балкан имал билатерални средби со германскиот канцелар Мерц и францускиот претседател Макрон на Самитот во Тиват, Црна Гора. Што се однесува до ЕУ, нема место за оптимизам. Уште долго ќе се влечеме ние со последиците од бугарското вето.

    При војна во Иран која веќе предизвикува огромна економска криза низ цел свет и при војна во Украина која четири години ја дестабилизра цела Европа, никој нема да се занимава со фрустрациите на Македонија и Бугарија. Тоа што го зборува Мицкоски секој ден на темата ЕУ и Бугарија е само за внатрешна употреба. Во функција на новите избори. Ништо ново. Веќе виден филм.

    Власта не може да реши проблем на една кафеана што малтретира илjaдници жители во центарот на главниот град, па ќе се справи со Бугарија, што ја малтретира целата македонска нација, и ќе ја смени преговарачката рамка со уште 26 други земји-членки на ЕУ.

    И да е само до оваа власт. Колку власти се сменија, а проблемите со локалните моќници не се решаваат.

    Фасцинира сервилноста на политичарите кон насилниците. Така е, кога им е поважна резервацијата за коњопој најблиску до музиката отколку интересот на граѓаните што ги гласале. Не се срамат ни да се сликаат и да се објават на Фејсбук.

    Треба да има диско. Треба да има ноќен живот. Треба да има спортски терени. Треба да има кафеани. И летни тераси треба да има. И коцерти на отворено треба да има. И места за пушење треба да има. И оџаци од скара треба да има. Сѐ треба да има.

    Ама затоа имаме и институции, локални и државни. За сето тоа да го регулираат на начин што ќе обезбедат соживот на сите. И да не се плашиме кога ќе побараме заштита од државата. Затоа ја бираме власта на избори. За да ги одржува правилата што самата ги донела. А не да владее законот на посилниот.

    Впрочем, затоа имаме држава. Инаку ќе се тепаме по улици.

    3 Само што се плашам дека утре, кога ќе дојде време за гласање, партиите пак ќе нѐ фатат на кондиција и пак ќе нѐ измамат. Па пак ќе заборавиме дека на тие што ги гласаме им е поважен коњопојот и сите ситни, а можеби и крупни привилегии што следуваат со него, отколку нашиот мир и безбедност. Изборните победи бесрамно ги слават на истите коњопои. Сами да не си ја платиле сметката?

    Исто како што им е поважна провизијата на агенцијата што испратила расипан автобус на средношколска ексурзија, отколку сигурноста на нашите деца.

    Ова е една страотна апатија на граѓанството. Што изгледа уште пострашно кога ќе се стави во перспектива дека за три месеци ќе славиме 35 години независна држава.

    4 Кога сме веќе кај силеџиството, почитувањето на законите, безбедноста во сообраќајот, соработката меѓу институциите, локалната и државната власт, мир меѓу коалиционите партнери, ЕУ стандардите, смее ли да прашам, а никој да не се налути: До каде е затворањето на дивиот пешачки премин на Бит Пазар?

    За диви градби веќе одамна не прашувам.

     

     

     

     

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира