Во „Лена и Владимир“, дебито на Игор Алексов, Лена (Сара Климоска) го прашува Владимир (Тони Наумовски) како се живее после тешка лична трагедија, а тој ѝ возвраќа со прашање – како некој кој преживеал толку зло и малтретирање може да биде толку ведар? Тоа се клучните прашања во филмот, по сценарио на Александар Русјаков, чија тема е потрагата по тоа духовно сигурно место, без оглед дали го бараш за да си го преболиш гревот или за да го победиш злото.
Владимир, со лице и тело унакажани од страшна несреќа, живее самотнички во вечна пролет, друга реалност на работ од градот, од која излегува само за да заработи пари и да купи храна од крчма во село со четворица старци. Заработува како каскадер, испревртува коли во лажни сообраќајки. Во шумата ќе ја спаси Лена, 16-годишно домско дете која ја силува управникот на домот (Луран Ахмети), а домците ја продаваат за секс, ќе ја прибере во вечната пролет и двајцата полека се прилагодуваат еден на друг.
Во филмот има течен дијалог, ама тоа не помага да се врзе климавата приказна која страда од клишеа и наивност што често личи и комична иако нема таква намера. Често, репликите звучат ко досетки кои треба да го маскираат отсуството на сувисло драмско дејство. Тоа особено во сцената со борба која треба да е кулминација, ама личи на сукоб во теленовела. Всушност, целиот филм, и заплетот и расплетот и визуелниот стил, има телевизиски формат на теленовела.
Сара Климоска, како одлична актерка, успева да искреира лик од Лена мудро фокусирајќи се да ѝ даде заразна ведрина, што ја одвојува како единствена веродостојна појава во филмот.
Тони Наумовски игра под тежок слој маска (чиј автор е Горан Игњатовски), и тоа како да е препрека целосно да ги изнијансира емоциите во играта.
Опуштена, забавна екипа во филмот се и Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски и Кирил Коруновски, како стари пријатели кои деновите ги минуваат во ситни банални кавги и закачки, чии сцени се всушност вистинската комична оддишка.
Влатко Зафирковски ја дизајнирал вечната пролет како идилична куќичка среде разнобојни цвеќиња во шумичка со поточиња, но кинематограферот Душан Кардалевски ја слика со претерана прозрачност, како да има преголема потреба да истакне дека ова е бајка, а она другото реалност.
Сѐ на сѐ, режисерот Алексов поставил добри прашања, ама за жал, во својот дебитантски филм не успеал да најде одговори.
Марина КОСТОВА