СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ ЉУТКОВ, МИНИСТЕРОТ ВЕЛИ БАРААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ СПРОТИВНО НА ЗАКОН

    СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ ЉУТКОВ, МИНИСТЕРОТ ВЕЛИ БАРААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ СПРОТИВНО НА ЗАКОНМинистерот Љутков одржа прес-конференција во Владата со директорите на културните институции. (Фото: Принтскрин од видео)

    Тврдењата за злоупотреба на службената положба се целосно неосновани. Ниту во еден момент не сум попречил остварување на какво било работничко право загарантирано со Уставот и со закон. Напротив, моја обврска е да обезбедам систем каде што правилата важат еднакво за сите, без привилегии и без исклучоци, рече денеска на прес-конференција во Владата министерот за култура и туризам Зоран Љутков, откако Синдикатот на културата објави дека поднел кривична пријава против него.

    Претставниците на Синдикатот на културата, пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопштија дека поднеле кривична пријава против Љутков за злоупотреба на службената положба и овластување и повреда на права од работен однос.

    „Министерот Љутков направи нешто што во правна држава не смееше да се направи. Со насоки пратени по мејл и упатство што сам го изготви и сам го потпиша, се обиде да ги поткопа правата на вработените во културата и да ги девалвира колективните договори. Упатство или мејл не е закон, а министер не е над закон. Упатството што го изготви министерот Зоран Љутков со иницијатива го поднесовме до Уставниот суд, со која бараме истото веднаш да се стави вон сила и да се поништи поради неуставност“, велат од Синдикатот на културата, додавајќи дека има повеќе од 800 тужби од вработените во културата против институциите и државата.

    Според Синдикатот, министерот Љутков ги довел и директорите на институциите од културата во исклучително незавидна и правно ризична позиција, и поради тоа, ќе поднесе кривични пријави и против директорите на институциите од културата за повреда на правата од работен однос.

    Љутков рече дека во државава се применува Општ колективен договор за јавен сектор, а вработените во културата имаат и грански колективен договор во кој е уредена пресметката на плата.

    „Општиот колективен договор предвидел покачување на платите во јавниот сектор за 10 отсто од месец септември 2023 година. Во таа смисла, заради усогласување, од страна на Министерството за култура било понудено склучување Анекс на колективниот договор, што Синдикатот го одбил. Па, сега Синдикатот тужи за пресметка на плати според начин кој доведува вработените во културата да имаат повисока минимална плата за пресметка на платата од објавената минимална плата во согласност со закон во државава. За да ви биде појасно, во 2025 година минималната плата во јавниот сектор на Република Македонија за пресметка на основната бруто-плата изнесуваше 36.037 денари, а барањето на Синдикатот за култура беше пресметката на основната бруто-плата да се прави на износ од 39.641 денар, што е спротивно на минималната плата објавена во согласност со закон“, рече Љутков.

    Тој додаде дека минималната плата за сите вработени во државава е иста, таа е уредена со закон и јавно се објавува секоја година.

    „Ако со покачувањето на минималната плата во 2025 година сите вработени во јавниот сектор добија покачување во нето-износ од 1.800 денари, вработените од установите од областа на културата добија покачување во нето-износ од 1.738 денари за најниското работно место до 4.391 денари за највисокото работно место. За какво намалување на плати зборуваме?“, рече министерот.

    Љутков кажа дека во ниту еден момент и ниту со едно дејство не се прекршени работничките права ни во согласност со Уставот ни во согласност со закон ни во согласност со Колективен договор.

    „Да бидам докрај прецизен, ова значеше разлики во пресметката на платите од Министерството и желбата на Синдикатот во износ од 471 до 1.330 денари по работно место во согласност со висината на платата. Односно, за да ѝ биде појасно на јавноста, ако нето-платата за највисокото работно место според пресметките на Синдикатот изнесуваше 84.896 денари, според пресметките на Министерството ваквата пресметка на нето-плата изнесува 83.563 денари, т.е. разлика од 1.333 денари. За најниското работно место, пресметката на Синдикатот изнесуваше нето-износ од 30.670 денари, а според пресметките на Министерството од 30.199 денари, или разлика од 471 денар. Тоа е основна нето-плата на вработените без додатоци на плата (минат труд, прекувремена работа итн.). Ваквата разлика резултираше со 800 тужби од вработени во културата, постапки што се во тек и не се правосилно завршени“, појасни министерот.

    Љутков исто така појасни дека Колективниот договор беше потпишан во 2019, а започна да се применува од 1 јули 2020

    „Досега требаше да биде склучен нов колективен договор со кој уште повеќе ќе се унапредеа правата на сите чинители во културата. Но, сите обиди за преговори за нов колективен договор се неуспешни, токму поради непостоење волја од страна на Синдикатот на културата“, додаде Љутков.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира