Скопски џез фестивал завршува вечерва во 20 часот во Македонската опера и балет (МОБ) со квартетот на Крег Тејборн и бендот на Пал Нилсен -Лав. Роберто Отавиано, еден од најпознатите италијански саксофонисти ќе настапи во киното „Фросина“ (МКЦ) во 17 часот.
Многумина денес го сметаат Тејборн за најдобар џез пијанист на својата генерација. Повеќе пати ја има добиено доби наградата „Пијанист на годината” . Пијанистот, органист, клавијатурист и композитор Крег Тејборн има широк спектар стилови кои често ги адаптира кон природата на инструментот и звуците кои што може да ги создаде. До денес, Тејборн има објавено шест албуми под свое име, а се појавува на повеќе од 80 како придружен музичар, вклучувајќи ги соработките со Роско Мичел, Дејв Даглас, Дејвид Торн, Еван Паркер, Кристијан Мекбрајд, Дејв Холанд и други.
Пал Нилсен-Лав е еден од творечки најпродуктивните и најактивните норвешки музичари во последните 20 години. Во 2013 година Нилсен-Лав решава дека е време да основа свој голем ансамбл. Со главно помлади норвешки музичари во составот „Ларџ јунит“ музиката се манифестира како интензивна и моќна сила на сцената, но исто така навлегува и во посуптилни и текстурални пасажи. Во бендот свират и музичари од Финска, Шведска и Данска целината се смета за нордиска музика во своето најмоќно издание.
Отавиано го усовршува свирењето саксофон со Федерико Монделчи и Стив Лејси, а компонирањеи аранжмани со Бил Русо и Џорџ Расел. Од 1979 година има интензивна концертна активност, бројни снимања во цела Европа и соработки со некои од најважните американски и европски музичари како се Мел Валдрон, Реџи Воркмен, Ендрју Сирил, Кит Типет, Реј Андерсон. Има богата и разновидна дискографија, а како педагог, тој е основачот на џез одделот на Музичкиот конзерваториум во Бари, каде што работи веќе 30 години.