СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР ДОБИ 108 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 6 ПРЕТСТАВИ, ЌЕ РЕЖИРААТ БЕГОВСКА, ПРОЈКОВСКИ, МУСТАФИЌ, СТАВРЕВСКА, БОЈАЏИ И АНГЕЛОВСКИ

    СКОПСКИОТ ДРАМСКИ ТЕАТАР ДОБИ 108 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА 6 ПРЕТСТАВИ, ЌЕ РЕЖИРААТ БЕГОВСКА, ПРОЈКОВСКИ, МУСТАФИЌ, СТАВРЕВСКА, БОЈАЏИ И АНГЕЛОВСКИВо претставата „Ова е само крајот на светот“ играат Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Ања Митиќ и Александар Степанулески. (Фото: Драмски театар)

    Околу 108 илјади евра (6.720.000 денари) доби Драмскиот театар во Скопје од Министерството за култура и туризам за реализација на годишната програма. Од лани, Министерството доделува делегиран буџет на повеќе национални установи.

    Првата премиера за оваа година е вечерва, на претставата „Ова е само крајот на светот“ од Жан-Лик Лагарс, во режија на Теа Беговска, со планиран буџет од 720 илјади денари. „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, ќе се реализира со буџет во износ од 1.800.000 денари, а премиерата е планирана во рамките на централната прослава на годишнината во април.

    За реализација на „Федра“ од авторот Расин/„Љубовта на Федра“ од Сара Кејн, во режија на Дино Мустафиќ, предвиден е износ од 1.800.000 денари. Премиерата, како што вели директорот Роберт Вељановски, е планирана во јули на фестивалот Охридско лето.

    „Алиса се враќа дома“ од авторката Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска, ќе биде четвртата премиера во продукција на Драмски театар планирана за новата сезона, која е во септември. За претставата е планиран буџет од 600 илјади денари. Ставревска ќе дипломира со таа претстава.

    Претставата „Трите сестри во Москва“ од авторот Владимир Талевски, во режија на Јани Бојаџи, ќе се реализира во рамките на предвидените 900 илјади денари. Со премиерата ќе се отвори македонскиот Фестивал РУТА во Скопје во октомври.

    Шестата претстава со поддршка на Министерството за култура и туризам е „Рекет“ по текст и во режија на Коле Ангеловски, за која е предвидено финансирање во износ од 900 илјади денари.

    Во годишната програма, во делот на организација на манифестации, и годинава е планиран Фестивалот РУТА. Петтиот фестивал на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски театар од 26 до 31 октомври со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари.

    За ставката меѓународна дејност се планирани средства во висина од 2.000.000 денари. Меѓународната соработка ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар на фестивалите РУТА во Љубљана, Загреб, Сараево, Белград и Подгорица, како и во Јужна Кореја за што е планиран износ од 400 илјади денари.

    За „Театарски гласник“ се планирани 150.000 денари, а Драмски ќе издаде и монографија за својата 80-годишнина. За монографијата е планиран буџет во износ од 350 илјади денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира