СЛОВЕНЕЧКИОТ ФИЛМ „БЕЛО СЕ ПЕРЕ НА 90“ ВО КОЈ МАКЕДОНСКИ ПАРТНЕР Е „ЦРНА МАЧКА“ ДОБИ 149 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД ЕУРИМАЖ

    СЛОВЕНЕЧКИОТ ФИЛМ „БЕЛО СЕ ПЕРЕ НА 90“ ВО КОЈ МАКЕДОНСКИ ПАРТНЕР Е „ЦРНА МАЧКА“ ДОБИ 149 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД ЕУРИМАЖТања Ќурчинска-Пепељугоска, национален претставник во европскиот филмски фонд, на една од минатите сесии на Еуримаж. (Фото: Еуримаж)

    Новиот филмски проект на словенечкиот режисер Марко Небершник, „Бело се пере на 90“ во кој македонски копродуцент е и продукциската куќа „Црна Мачка“ доби поддршка од 149 илјади евра на мартовската сесија на паневропскиот филмски фонд Еуримаж, соопшти Тања Ќурчинска-Пепељугоска македонски национален претставник во Еуримаж.

    „Бело се пере на 90“ доби околу 54 илјади евра (3, 4 милиони денари )од македонската Агенција за филм на конкурсот во прв рок во 2023, а во проектот учествуваат и голем број копродуценти од Словенија, Италија, Србија, БиХ, Црна Гора.

    Еуримаж на последната сесија додели пари за 26 проекти од вкупно 76 пријавени.

    „Оваа сесија ја одбележа шпанската кинематографија со вкупно 10 пријавени проекти, од кои 6 добија финансиска поддршка. Ако се има предвид дека секој пријавен проект во Еуримаж има потврдена национална финансиска поддршка ова навистина е респектабилен буџет за филмски проекти и тоа само за една сесија“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Таа додава дека мартовската сесија ја одбележа и родовата еднаквост, која изразена во статистика покажува дека од вкупно 26 поддржани проекти 14 се на режисерки, односно 54 отсто од проектите се на режисерки.

    „А доколку ги анализираме доделените средства, 61% од вкупниот мартовски буџет припаѓа на овие 14 проекти во режија на жените режисерки. Еуримаж е пред остварување на зацртаната цел за подеднаква распределба на средствата меѓу мажите и жените режисери“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела Еуримаж од своето основање во 1989  до денес поддржал 2.464 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 701 милиони  евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира