ЕУРИМАЖ ГО ПОДДРЖА НОВИОТ ФИЛМ НА ДИНА ДУМА, „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ СО 350 ИЛЈАДИ ЕВРА

    ЕУРИМАЖ ГО ПОДДРЖА НОВИОТ ФИЛМ НА ДИНА ДУМА, „СКЕЈТБОРДИНГОТ НЕ Е ЗА ДЕВОЈЧИЊА“ СО 350 ИЛЈАДИ ЕВРАРежисерката Дина Дума и продуцентката Лабина Митевска лани на Синелинк во Сараево. (Фото: Агенција за филм)

    Новиот филмски проект на режисерката Дина Дума, „Скејтбордингот не е за девојчиња“, доби поддршка од 350 илјади евра на последната сесија за годинава на Паневропскиот филмски фонд Еуримаж, соопшти Тања Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Еуримаж.

    Филмот на Дума е копродукција меѓу македонскиот продуцент „Сестри и брат Митевски“, „Ентре Чиен Луп Сцрл“ од Белгија и „Вертиго / Терминал 3“ од Словенија.

    Според Ќурчинска-Пепељугоска, бројот на пријавени копродукциски проекти во секоја сесија сѐ повеќе се зголемува, па така и оваа сесија повторно ќе се памети со 111 пријавени проекти од кои 99 беа оценувани.

    „Во ваква конкуренција проектот ‘Скетјтбординг не е за девојчиња’ беше оценет одлично и рангиран е на високо 3. место на ранг листата во својата група. Коментарите за проектот беа позитивни и оптимистички: ‘…млада и талентирана режисерка која треба да се поддржи; сценариото е интересно, внесува модерни елементи во една конзервативна заедница на Ромите на Балканот; сериозен продуцентски тим. Во ноемвриската сесија од вкупно оценувани 99 проекти, само 29 добија финансиска поддршка од Еуримаж и до толку е позначајно што меѓу нив повторно е еден македонски проект“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    Новиот филм на Дума, лани во август  доби две награди за развој на копродукцискиот маркет Синелинк на Сараевскиот филмски фестивал. Вториот филм на Дума, доби по 10.000 евра за наградата Синелинк на Филмскиот центар на Србија и за наградата Женски гласови од Словенскиот филмски центар. Дебито на Дума „Сестри“, имаше светска преиера во 2021 на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде освои Специјална награда на жирито во програмата Источно од Западот, а беше и македонски кандидат за Оскар, но не влезе во прелиминарниот избор на Американската филмска академија. „Сестри“ е и првиот македонски филм достапен на најголемата светска стриминг платформа „Нетфликс“.

    Македонија е членка на Еуримаж од 2003 година и ова е јубилејна 20-годишнина од нашето членство во овој паневропски фонд. Јубилејната година, како што вели Ќурчинска-Пепељугоска земјава ја завршува со вкупно 775 илјади евра доделени на „ДиЏеј Ахмет“ на Георги Унковски на 168. сесија, „Човек против јато“ на Тамара Котевска на 169. сесија и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума на 170. сесија.

    „Очекувам дека за 2-2,5 години ќе имаме можност да ги видиме овие филмови на големото платно особено поради фактот што странските копродуцентски партнери се обезбедени, а со тоа и финансирањето од нивните националните фондови. Се надевам дека и нашата Агенција за филм ќе стори напор да не се повтори оваа година во која првите 10 месеци немавме ниту еден снимачки ден и дека нашата продукција ќе биде многу поинтензивна следната година“, додаде Ќурчинска-Пепељугоска.

    Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.438 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 710 милиони евра.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира