СНИМАЈТЕ ФИЛМОВИ ЗА НЕШТА КОИ ВЕ ИНТЕРЕСИРААТ ВАС, А НЕ САМО ФЕСТИВАЛИТЕ, КАЖА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ВО БИТОЛА

    СНИМАЈТЕ ФИЛМОВИ ЗА НЕШТА КОИ ВЕ ИНТЕРЕСИРААТ ВАС, А НЕ САМО ФЕСТИВАЛИТЕ, КАЖА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ВО БИТОЛАНа затворањето на фестивалот на Манчевски ќе му биде доделена наградата Специјална Камера 300 за особен придонес во светската кинематографија. - Милчо Манчевски на денешниот мастер клас на „Браќа Манаки“ во Битола (Фото: СДК.МК)

    Сите млади филмаџии би ги посоветувал да прават филмови што зборуваат за работи и емоции за кои тие се заинтересирани, а не за она што го бараат фестивалите и публиката, рече врвниот македонски режисер Милчо Манчевски на денешниот мастерклас на фестивалот „Браќа Манаки“.

    „Често знам кога работите имаат емотивно влијание и кога имаат наративно влијание во рамките на приказната. Забавно е да се направи тоа, а не да бидеме пресметливи однапред. За сите млади филмаџии една работа што би ве посоветувал е да правите филмови што зборуваат за работи кои вас ве интересираат. Ако калкулирате, ако правите пресметки, а не е многу тешко да се пресмета што фестивалите сакаат или што публиката сака, може да добиете извесен почетен успех. Но, верувам дека ќе направите нешто празно и шупливо“, рече Манчевски.

    Режисерот додаде дека многу лесно му оди пишувањето на филмската приказна и дека целиот емотивно се внесува во тоа. Рече „режисерот во мене мора да се возбуди од она што претходно сум го ставил на хартија“.

    „Идејата за филм започнува како еден ембрион, а тоа оди рака под рака со чувството. Најпрво работам малку на дејството, на заплетот и ако во големата слика на работите тоа прави смисла и е интересно, расте, пишувањето приказна лесно ми оди. Тоа е делот што навистина ми се допаѓа, да можев само ќе пишував, а потоа ќе монтирав. Сценариото е костурот на филмот, без него се би паднало и би добиле само едно купче месо“, рече Манчевски.

    Бидејќи фестивалот во Битола е посветен на кинематограферите, тој се осврна и на соработката со врвни сниматели од целиот свет, за кои рече дека заедно го посетувале дури и музејот Лувр во Париз, за да видат како некои уметнички дела биле осветлени.

    „Доста сум инволвиран во работата на директорот на фотогрфија и дискутираме како филмот ќе изгледа долго пред да почнеме да снимаме. Гледаме книги, одиме во музеј, во Лувр сме оделе да видиме одредени слики како конкретно биле осветлени. Со секој филм учам по нешто и технички работи, пред се за осветлувањето. Она што го знам за осветлувањето го стекнав преку работата со големи кинематографери“, рече Манчевски.

    Утревечер, на затворањето на фестивалот на Манчевски ќе му биде доделена наградата Специјална Камера 300 за особен придонес во светската кинематографија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира