Ќе се модернизира и дигитално збогатува Природнонаучниот музеј во Скопје, најави денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Министерот денеска заедно со Ивица Заркадов, директор на Природнонаучниот музеј, со Хрисула Кутуди, генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на „Стопанска банка АД“ Скопје, потпишаа ново тригодишно стратешко партнерство.
„Посебна благодарност упатувам до ‘Стопанска банка’, која ја препозна важноста на нашата мисија и потенцијалот на музејот како национален центар за еколошко и научно образование. Нивната визија и доверба ни овозможуваат заеднички да отпочнеме процес на суштинска трансформација токму во година кога музејот се приближува кон својот 100-годишен јубилеј. Особено ме радува што преку проектите – од изградбата на првата интерактивна Магична соба (Magic Room) во Македонија, до подобрената пристапност, модерната веб-страница, виртуелните прошетки и новите дигитални алатки, ќе го поттикнеме развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители“, рече Љутков.
Во моментов, музејот бележи од 10.000 до 14.000 посетители годишно, а со овој проект се очекува посетата најмалку да се удвои и музејот да стане едно од најатрактивните места за учениците, семејствата и туристите.



